Нов урбан моден бренд

21 август 2013

Hype е новиот моден бренд кој ги освои симпатиите на младите Англичани. Парчињата облека се спој на потребата на тинејџерите да ја истакнат својата индивидуалност, а од друга страна да бидат комфорни.

Ко – сопственикот на брендот Лиам Грин, заедно со неговиот пријател Еди Ленокс започнале со продажба на маици во 2011 година и тоа токму од нивната соба. Одличната продажба придонела за отварање на веб страна за онлајн продажба и вклучување на нов бизнис партнер одговорен за продажбата.  Во 2012 година оствариле продажба од 1 милион фунти, а оваа година 8 милиони фунти. Бидејќи Лиам почнал да се занимава со продажба на маици кога имал 17 години многу добро знае што сакаат младите и токму поради тоа, овој бренд за кратко време оствари голем успех.

Социјалните медиуми се клучот за нивниот успех. Тие имаат повеќе од  176.000 следбеници на Фејсбук, 26. 000 на Инстаграм и 10.000 на Твитер.  Поради обврските со продажбата, Грин ги прекинува студиите за графички дизајнер и се концентрира на креирањето на нови принтови. Интересен податок е дека тој постојано комуницира со своите фанови и бара совет од нив во однос на новите модели, односно ги следи нивните сугестии или пак бара повеќе од 500 лајкови на некоја фотографија за истиот модел да биде пуштен во продажба.

Успехот на Hype резултираше со отварање на нова продавница во источен Лондон, а на самиот ден на отварањето во редици чекаа околу 350 луѓе. Денес тимот брои  17 луѓе, а за стекнување на поголема репутација тие овозможуваат доставување на производот за 7 дена, а не за стандардните 6 недели кои се чекаат при онлајн нарачка..

Следно на нивната агенда е отварање на фабрика во Лос Анџелес и продавници во Њујорк и Сан Франциско. „На почетокот мислевме дека ќе работиме само локално, но откако станавме голем и успешен бренд, шансите за неуспех се многу помали“– изјави Лиам.

Објавено:
21 август 2013
Категорија: 
Актуел