Алек Наумовски: Позитивните мисли секогаш ги носам со себе на летен одмор

10 јули 2017

Следната страница од нашиот летен лексикон е резервирана за Алек Наумовски, еден од првите луѓе во модната агенција „Моделс Ин" и еден од најпознатите македонски машки модели.

Во продолжение покрај тоа што ќе прочитате за убавите летни спомени од неговото детство, првиот летен одмор со друштво, омилените серии и летни музички хитови, ќе имате можност и да ја разгледате галеријата со фотографии кои сведочат за безгрижните лета од различни периоди од неговиот живот.

- Сте пополнувале ли некогаш лексикон?

Па да како дете, во основно училиште можеби во трето одделение.

-Прва асоцијација за лето...

Искрен да бидам не сум голем вљубеник во летото, но секако уживам во мирисот на липите во градот , полека ја селам гардеробата во друг плакар, почнува сезоната на скутери и знам официјално дека почнала сезоната на сладолед.

-Прв летен одмор со друштво, без родителите...

На мои 15 години со друштво бевме во Грција во едно помало место Неа Модања. Се сеќавам дека трошев многу пари на стрипови, прв пат пиев пиво и најубавиот момент ми беше седењето покрај оган на песок со прекрасните звуци на морето.

-Кои ви беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...

Па не верувам дека до толку многу се промениле работите... Оние градења на замоци во песокот, собирање на школки и мали ракчиња, скокање во брановите и првите изгореници се спомените од моето детство.

-Предлог книга за на плажа...

„What we lose" (Она што го губиме ) од авторката Zinzi Clemmons. Станува збор за една жена која пробува да се соочи со големата загуба и да биде прифатена во општеството. Одлична и маестрално напишана.

-Ова лето слушам...

Има повеќе летни хитови кои ми се вртат во глава како на пример „My way" од Calvin Harris , „Leave the lights on" од Meiko или „It Ain't me" од Kygo и Selena Gomez. Но, тука исто така го препорачувам албумот на Lana Del Rey – „Lust for Life".

-Ова лето гледам...

Топло ја препорачувам серијата „Stranger Things" која кога ја гледав се чуствував како заглавен во филм создаден од Стивен Кинг и Стивен Спилберг. Потоа никако не смее да се пропушти новата сезона на серијата „Твин Пикс" , како и петата сезона на серијата „Prison Break". Додека пак филм кој ме остави малку збунет е „Adore" или негде преведен како „Perfect Mothers".

-Омилен летен настан, фестивал, културно случување...

На овие простори односно релативно блиску до нас секако дека „Егзит" е најдобриот фестивал, додека кај нас „Д Фестивал" кој треба наскоро да се случи во Дојран.

-Што ако се расипе клима на +40?

Па ништо страшно, може да се избега негде покрај вода или на планина и тогаш ќе сфатиме дека најубавите работи се случуваат непланирано.

-Во кои ситуации се зацрвенувате?

Па веројатно од непријатни случки, односно од простотилук и себичност кога ќе препознаам кај други луѓе.

-Што најмногу Ве иритира на плажа?

Со самото тоа што плажа асоцира на море и спокојство, таму сум далеку порелаксиран.

-На/За што размислувате додека лежите на плажа?

На сето она што не сум успеал да го постигнам, па се „билдам" со мотивација за иднината.

-Се сеќавате ли на првата летна љубов?

Можам само да кажам дека буди многу спомени и асоцира на наивност, спонтаност и вистинска детска заљубеност.

- Без што не заминувате на летен одмор?

Па она што секогаш прво ми текнува е пасош, потоа заштитна крема за кожа со фактор плус 100 и секако позитвните мисли за нови познанства и дружби.

Објавено:
10 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
781 пати