Дедо Мраз живее во Австралија!

13 декември 2017

Потеклото на Дедо Мраз секогаш се врзува за Лапонија, од каде и тргнува на пат со ирвасите во посета на сите дечиња што биле добри во годината на изминување.

Но, една двојка од Перт создава таква магија, што всушност ве тера да помислите дека вистинскиот Дедо Мраз всушност живее во Австралија.

Алан Вардропер и неговата сопруга Мери Картез Вардропер се вистински вљубеници во Божиќ и го прославуваат шест месеци од годината – како вистински Дедо Мраз и Баба Мразица.

Кај нив празничниот дух започнува од септември и трае речиси до март. Оваа традиција ја негуваат веќе една декада.

За да создадат таква божиќна магија, украсуваат дури 400 дрвја и 700 кутии со разни декорации, вклучувајќи сијалички, лампиони и 32 сцени поврзани со раѓањето на Исус.

Инаку, Мери и Алан се запознале во 2003 година преку онлајн комуникација. Мери, која инаку е од Пенсилванија, е вистински зависник од празници, но тоа го криела од Алан, сè додека врската не станала сериозна.

-На крајот, морав да ја откријам мојата тајна, дека сум опседната со Божиќ – вели Мери.

Истата година за празникот, Алан одлучува да замине за САД и да ја запознае, а таа пак одлучува да ја остави сета празнична декорација, за да може да ја види нејзината опсесија.

„Ако сака да биде со мене – тогаш доаѓаат и сите овие докорации – потенцира “Баба Мразица“.

И така и се случило. После некое време Мери станува госпоѓа Вардропер.

-Не знаев што значи опсесивно компулсивно нарушување, додека не ја запознав неа. Сепак, не се работи само за Божиќ. Тука се и Ноќ на вештерките, Велигден... – вели Алан кој додава дека без разлика што првпат се сретнал со такво нешто, одлучил да ја прифати сопругата онаква каква што е.

-Едноставно сакам да уживам во празниците – ќе додаде Мери.

Кога ќе дојде периодот за Ноќ на вештерките, нивната куќа е “морничава“ и однадвор и одвнатре, а сè во склад со празникот.

На прашањето како се справуваат со сметките за струја во овој новогодишен период, двојката ќе рече дека варира прилично, односно се поголеми за три пати од износот за  остатокот од годината, но тоа е планирано.

Инаку, за враќањето на куќата во првичниот изглед, односно за раскитување на сите елементи потребни им се повеќе од два месеца.

Ако се прашувате каде ги ставаат тие седумстотини кутии откако сè ќе вратат на свое место, еве го одговорот:

-Имаме две шупи, но исто така имаме и пријател што има големо складиште, па тие 700 кутии ги превезуваме до таму.

 

 

фото извор: dailymail.co.uk; watoday.com.au; mandurahmail.com.au; 

Објавено:
13 декември 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.958 пати
Извор: 
daily mail