Сред нешто сиво сме нашле едно цвеќе...

22 декември 2017

Големата сала на Македонска филхармонија вчера ја исполнија волшебни звуци некогаш напишани и споени од Драган Ѓаконовски - Шпато, ја исполнија емоции предизвикани од истите звуци - вчера во изведба на македонската филхармонија.

Веруваме дека сите што беа присутни на концертот по повод 30-годишнината од смртта на големиот музичар, имаа чувство како да лебдат по нотите што течеа. Во тие моменти имате чувство како да не сте во Скопје што го знаете, не сте во времето во кое што сте, како „сред нешто сиво да сте нашле едно цвеќе“... едноставно се препуштате на музиката, таа да ве води.

А низ музичкото патување нè водеше синот на Шпато, Мартин Ѓаконовски (контрабас). Во тоа му помогнаа и специјалните гости  Левин Ѓаконовски (тапани), Гордан Спасовски (пијано), солистите - Џон Илија Апелгрен, Кирил Кузмановски (саксофон и флејта), Трајче Велков (труба), Франческа Рајтер (виолина).

Слушнавме скромен дел од творештвото на Ѓаконовски, „Далечен крај", „Те носам во себе", „Глас од далечината", „Без повраток", „Молчи една долина", „Лени“ „Убава со како музика", но доволно да се потсетиме на тоа колку прекрасна музика создавал и каков музички визионер бил.

Дури и оние што вчера на концертот беа присутни од љубопитност, престиж или некои други причини, имаа можност да се запознаат поблиску со неговото творештво и тоа да ја разгори желбата да слушнат уште повеќе, да слушнат музика (за) која досега само наслушнувале.

Меѓу специјалните гости беше и легендарниот Томислав Маниќ, кој со својата појава и ведар дух и изведбата на „Една есен“, придонесе оваа вечер да биде уште поубава. Испратен со огромни аплаузи и овации, сигурни сме дека Маниќ беше исто возбуден како и публиката и си замина побогат за уште еден спомен кој го врзува за неговиот долгогодишен пријател Драган Ѓаконовски - Шпато.

„Повеќе ги сакам јубилеите поврзани со родендени отколку со заминувања“ изјави некаде на крајот Мартин, на што се надоврзаа и звуците од „За нас почнува живот“ овој пат во изведба на гостинката од Португалија, Амалија Бараона и Џон Илија Апелгрен, кои ни покажаа дека песната подеднакво милно звучи и на португалски.

И како што се вели и во песната „За нас почнува живот и нема крај...“ така и музиката на Шпато никогаш нема да има крај.

Во продолжение можете да погледнете дел од вчерашната атмосфера, а за Шпато повеќе можете да прочитате ТУКА.

Фото: Маја Аргакиjева

Објавено:
22 декември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
894 пати