Таму каде зборовите ја губат својата моќ, една прегратка може да има магично дејство.
Во 2004-та година, Хуан Ман чувствувајќи се осамен, излегол со транспарент „Free Hugs" низ улиците на Сиднеј и делел прегратки на минувачите. Реакциите биле одлични, искуството прекрасно и со текот на годините прераснало во светско движење „Гратис гушкање", што сега е присутно во повеќе од 30 земји во светот меѓу кои и Македонија.
Минатиот викенд, по повод Светскиот ден на прегратките, нашите „гушкачи" по двегодишна пауза ја обновија традицијата на „Гратис гушкање" во Македонија што оваа година заокружува јубилејни 10 години.
По тој повод разговаравме со Ирина Тошева, која е дел од иницијативата „Гратис гушкање" и со која разговаравме на тема прегратки.
Знаеме и сакаме ли да се гушкаме?
-Се разбира дека знаеме. Нашите кампањи и настани го потврдуваат тоа. Силно верувам дека во секој човек тлее поривот за давање и примање љубов, но среде сиот хаос на секојдневието, се чини како да имаме подзаборавено што тоа суштински значи. Водиме брз и динамичен живот, бркајќи големи амбиции и мегаломански дострели, па неретко ги занемаруваме малите ситници, кои многу значат. Убавиот збор, финиот гест, насмевката кон случајните минувачи, искажувањето благодарност, спонтаните прегратки. Затоа и целта на нашите акции е да се поттикне филантропијата кај луѓето. Можеби спие, но дефинитивно е тука. Само треба да ја разбудиме.
Што се може да замени една гратис прегратка?
-Таму каде зборовите ја губат својата моќ, цврстата и топла прегратка може да има магично дејство. Да биде поткрепа, да влее чувство на сигурност, да ја зацврсти довербата, или, пак, да ја зголеми блискоста. Таа е најдобриот начин да му порачате некому: „Сe' ќе биде во ред. Јас сум тука." Без ниту еден изустен збор.
Кои се најдобри „гушкачи"?
-Нема добри и лоши „гушкачи", само луѓе кои ја заборавиле моќта на прегратката.
Како започна иницијативата Гратис гушкање (годинава заокружувате 10 год. што е за голем поздрав) и кој стои зад неа?
-Иницијативата Гратис Гушкање е започната од Хуан Ман во 2004-та година. Чувствувајќи се осамен, излегол со транспарент „Free Hugs" низ улиците на Сиднеј и делел прегратки на минувачите. Реакциите биле одлични, искуството прекрасно и со текот на годините прераснала во светско движење во повеќе од 30 земји, меѓу кои и Македонија.
Во Македонија е започната од двајца момци, ЗокиФу и Ивица во 2008ма, најпрвин „на шала". По видеото кое кружеше на социјалните мрежи и интересот од многу млади, меѓу кои и јас, прерасна во младинска непрофитна организација „Млади за љубов", низ која поминаа стотина волонтери, се водеа најразлични проекти од хуманитарен и социјален карактер, се делеа прегратки секоја сабота на скопскиот плоштад, се соработуваше со други младински организации и оддржуваа и посетуваа разни обуки за младинско делување.
По две години мирување, по повод нашиот јубилеј, решивме повторно да се активираме, да ги потсетиме луѓето кои се преоптоварени со свои проблеми, политика и разни нервози, на убавите работи и вредности. Да донесеме свежина и вклучиме и нови генерации.
Викендов имавте празнично гушкање по повод Светскиот ден на прегратките. Како поминавте?
-Светскиот ден на прегратките беше убав повод за започнување на „новата сезона" Гратис Гушкање. Со нас беа и Тони и Силвана од „Гушни го светот". Тие се подготвуваат за патување околу светот со моторцикл, минувајќи низ 45 земји и преку 100.000 километри за 14 месеци, делејќи прегратки на минувачите. Ја „собраа" енергијата од нашите минувачи која потоа ќе биде „поделена" низ светот на нивното патување.
Можат ли прегратките да го сменат светот?
-Не би рекла дека би го смениле, но би го направиле подобро место за живеење. Убаво е на момент да се заборави на се'. Гушнете го тој до вас додека го читате ова :)
Гушна ли ти некого денеска?
-Мини, моето милениче. Со таа прегратка ми започнува денот.