Се разведува Џенифер Анистон

16 февруари 2018

Во светските медиуми утринава одекна веста за разводот на Џенифер Анистон и Џастин Теро. После две години брак, двојката одлучи да се раздели.

И двајцата ја потврдија веста, напоменувајќи дека одлуката била заедничка. Причините за разделбата не се познати, а актерите изјавиле дека ќе продолжат да ги негуваат пријателските односи.

Анистон (49) и Теро (46) се венчаа во август 2015 година во Лос Анџелес, а церемонијата беше интимна. Инаку, пред венчавката тие беа заедно четири години и важеа за една од најскладните двојки во Холивуд.

„Со цел да ги отфрлиме сите понатамошни шпекулации, одлучивме да објавиме дека се разделуваме. Одлуката беше заедничка и донесена кон крајот на минатата година. Ние сме двајца најдобри пријатели кои одлучија да се разделат како љубовна двојка, но да продолжат да го негуваат пријателството. Секако, би го направиле ова приватно и интимно, но со оглед дека озборувачката индустрија не може да оддолее на шпекулациите и да измислува, сакавме да ја соопштиме вистината директно. Пред сè, одлучни сме во тоа да ја зачуваме длабоката почит и љубов што ја имаме еден кон друг“, се вели во официјалното соопштение.

Веста доаѓа како изненадување, особено бидејќи магазинот неодамна објави како изгледа домот на двојката, каде што всушност и се венчаа.

Посебно остана запаметена реченицата на Анистон во која вели: „Кога ќе го погледнам сопругот, кучињата и нашиот дом, не постои друго место на светот каде што би сакала да бидам“.

За потсетување, ова е втор брак за Џенифер. Претходно беше мажена за Бред Пит и тоа пет години, но се разделија во 2005 година.

 

 

фото извор: eonline.com; hello.com; 

Објавено:
16 февруари 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.018 пати