Само 1% од облеката се рециклира!

25 април 2018

Комплексната релација помеѓу модата и природата е темата на актуелната изложба „Fashioned From Nature", поставена од 21-ви април во музејот „Викторија и Алберт" во Лондон, а која треба да поттикне сериозни прашања кога е во прашање овој однос.

Многу често во она што го дизајнираат креаторите го гледаме ликот на природата, неминовно таа е неисцрпа инспирација кога е во прашање модниот, но и дизајнот воопшто. Но, оваа релација има и своја мрачна страна, а се однесува меѓу другото и на фактот дека еден од најголемите загадувачи на животната средина на глобално ниво е токму оваа индустрија.

Затоа, се поголемо станува друштвото на еколошко освестени дизајнери кои преку сите средства во доглед на своите можности, ја анимираат јавноста, но и интерно модната индустрија, да се посвети сериозно внимание на рационалното однесување во модниот свет.

Дека ова е проблем на кој ангажирано и посветено треба да се работи, кажуваат бројни факти, а еден од најзапрепастувачките е информацијата дека само 1% од облеката на глобално ниво се рециклира. За ова меѓу другото, зборува во своето интервју за Гардијан, една од најголемите еколошки активистки меѓу модните дизајнери, Стела Мекартни, која има свој значаен удел во изложбата.

„Само 1% од облеката се рециклира. Само еден! Што правиме ние? Сè доаѓа од природата. Од каде сите бои ако не од природата, од промената на сезоните? Секој материјал што го користиме ние дизајнерите е инспириран од природата... Таа е... величествена, зарем не?", вели Мекартни во интервјуто.

Поставката е само една од формите како да се допре до пошироката јавност и да се аралмира што порационално да размислуваме и делуваме во нашата комуникација со природата, па вклучително и преку секојдневните избори што ги правиме од аспект на консумеризам, мода и модна индустрија.

„Треба да се потсетиме што навистина природата ни значи и што за нас е највредно. Еден многу човечки начин да го изразиме нашето задоволство и уживање во природата, како и нашата љубопитност да дознаваме што повеќе за неа, е токму преку текстилот и модата", вели кураторот на изложбата Едвина Ерман.

Инаку изложбата е сублимат на уникатни дизајни инспирирани од природата, во еден фантастичен период од 400 години, а вклучува дизајни на бројни значајни имиња како Вивијан Вествуд и Стела Мекартни. Но, покрај тоа што е прикажана моќта и убавината на природата низ историјата, исто така е ставено акцент на импактот на модата врз приордниот свет и ефектот на индустријата врз средината.

Изложбата ќе биде отворена до 27-ми јануари 2019 година.

Извор: Guardian, Vogue

Објавено:
25 април 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
195 пати