Познатата британска стилистка Александра Оленска: Скопје има голем креативен потенцијал

16 мај 2019

Во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот фактултет вчера  имавме ретка можност одблиску да се сретнеме и да ги слушнеме искуствата на личност која активно работи во модната индустрија во светот. 

Британската стилистка и консулант Александра Оленска, на покана на „WDW Movement“ го посети Скопје, а предавањето кое го одржа беше на тема: „Модата и културниот идентитет на градот“.

Во презентацијата која беше мошне интересна и сликовита, Оленска обрна внимание на неколку важни точки и методи со чија примена Скопје би можело да блесне во сосема нов сјај.

Имено, таа посочи дека покрај историските, односно традиционалните обележја, еден град може да развие визуелна препознатливост и со помош на уметноста, односно модата.

Конкретно, во фокус беа ставени излозите на продавниците.

„Изгледот на продавницата може многу да придонесе за популаризација на брендот, но воедно да придонесе и за визуелно разубавување на градот. Денеска социјалните мрежи апсолутно доминираат, посебно Инстаграмот. Ако во вашата продавница смислите излог или ќоше кое изобилува со бои, или подразбира интеракција со посетителот, луѓето ќе посакаат да направат фотографија, истата ќе ја стават на Инстаграм и така ќе почне да се шират фотографиите и вашата продавница да станува сè попопуларна. Воедно, и вашиот град ќе стане попопуларен, па ќе сакаат што повеќе луѓе да го посетат тоа за што сите зборуваат“, објаснува Оленска.

Таа додава дека колку просторот во кој го пласирате вашиот производ е поинстаграмичен, толку подобро.

„Не е секогаш производот пресуден. Вие можете да продавате и обична маица или очила за сонце, но ако успеете да создадете простор во кој посетителот ќе доживее искуство, (визуелно или со интеракција), а нема само површно да разгледува, сте постигнале многу. Понекогаш и идејата што ја имаме за одредена продавница е многу позначајна од тоа колку е посетена“, посочи блогерката.

Таа посочи на една продавница во не така атрактивен кварт во Лондон, која има одлична репутација на социјалните мрежи. Производите што ги имаат се исклучително скапи и таму речиси и да не влегуваат луѓе, но онлајн продажбата им е фантастична. Тоа е поради фактот дека онлајн имаат создадено имиџ на луксузна и необична продавница, за која сите знаат и сакаат да ги имаат нивните производи.

Она на што посебно обрна внимание Александра, беше соработката со уличните уметници, односно на интердисциплираноста.

„За да се создаде интересен, впечатлив производ, односно изглед кој ќе привлече внимание, потребно е повеќе гранки да соработуваат меѓу себе. Во модниот свет „Ермес“ одамна соработува со улични уметници за создавање на уникатни принтови, а тоа го прават и многу други брендови. Многу е важно да соработувате меѓу себе. Дизајнерите, архитектите, графичките дизајнери, уметниците... Со заедничка соработка и различни аспекти на еден проект, може навистина да се придонесе за визуелна препознатливост или подобрување на градот. На тој начин го користите локалното, за да се проширите интернационално“, потенцира Александра.

Во разговорот за Фешнел таа откри дека ѝ е големо задоволство што за првпат е во Скопје и дека нашиот град ѝ претставува освежување.

„Постојано сум на пат и многу градови веќе личат едни на други. Со оглед на тоа дека имам и полски корени, многу ми се допаѓа вашиот град и контрастите што го сочинуваат, особено во поглед на архитектура. Имате карактер. И мислам дека Скопје навистина може да блесне во поглед на културен идентитет. Инаку, за вашата држава и град сум слушнала од мојот пријател, дизајнерот Ристо, тој секогаш зборува многу убаво за овој крај. Инаку, и покрај тоа што сте мал град, овде се случуваат многу нешта и мислам дека имате одличен потенцијал да се развивате креативно. Имате слобода да го надградите културниот идентитет и да не се претопите во интернационалниот стил, кој го наметнува глобализацијата. Вие сте тука во предност. Идејата е да се подржувате, да има интердисциплинарност. Да се користи домашниот производ во насока на ширење на културата“ сподели со нас Оленска.

Инаку, нејзиното портфолио е нависитна богато. Стилист за јапонското и американското издание на „Вог“, консултант на „Топшоп“, соработник на „W“ магазин, „Вог Италија“, „10“, „Харперс Базар“, „Ел“, „Телеграф“, соработник на Кајли Миног, Бјорк, Роксанда Илинчиќ се само дел од ангажманите што ја формираат нејзината професионална биографија. 

Предавањето на Оленска е само почеток на една одлична иницијатива од организаторите „WDW Movement“. Се работи за движење чија цел е реализација и поставување постулати на „Недела на излозите“, проект кој има цел да отвори дијалог помеѓу модните дизајнери и архитектите и да ја наметне потребата за атрактивни излози и да ја подигне визуелната култура на повисоко ниво.

„Како што имаме Модна недела и недела на дизајнот, ние одлучивме да создадеме и Недела на излозите“.  За првото издание на овој фестивал, кој е поддржан од швајцарската влада, нашата цел е да создадеме тимови составени од млади архитекти и модни дизајнери и заедно да преобразиме еден дел од Центарот на Скопје во модерна галерија на излози. Мастер класовите со етаблирани експерти во полето на модата, архитектурата и уредувањето излози се првиот дел од проектот. Кон крајот на месецов ќе се реализираат и тродневни работилници, како подготовка за финалната фаза која што ќе се случи во ноември и кога ќе ги презентираме уредените излози. Се надеваме дека “Недела на излозите“ ќе  претвори еден дел од центaрот на Скопје во естетски привлечен и модерен сегмент на градот, а воедно ќе им овозможи на младите дизајнери, архитекти и креативци да создадат контакти и понатамошни деловни соработки. Нашата цел е да инспирираме креативност, да го стимулираме вработувањето во креативниот сектор, да укажеме на неопходноста од уредувањето на излозите, да воспоставиме нови практики и вештини кај младите луѓе со цел да можат да ги освојат не само локалните, туку и интернационалните пазари“, вели Лидија Георгиева, дел од тимот на „WDW Movement“, во кој се и Кристина Глигоровска, Искра Јанковска Михајловска и Ангела Доневска.

Следниот мастер клас е закажан за 21. мај повторно на ТМФ, со Солин Дабовил, успешна дизајнерка, сценографка и специјалист во создавање излози, по што ќе следат други на Архитектонскиот факултет. 

Повеќе информации можете да видите тука, а повикот за оние што сакаат да бидат дел од овој проект е отворен.

 
Објавено:
16 мај 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
472 пати