Македонските дизајнери се обединија под „чадорот“ на Lotus Design Store

26 јуни 2014

Експанзијата на талентирани домашни дизајнери ја наметна потребата тие да се обединат на едно место со цел нивните парчиња да им бидат подостапни на купувачите. После шест месеци желбата македонскиот дизајн да пулсира во една целина конечно резултираше со создавање на концептуалната продавница Lotus Design Store, лоцирана на третиот кат во Скопје Сити Мол, која вчеравечер официјално стартуваше  за сите љубители и обожаватели на македонските креации.

„Идејата или потребата подобро кажано сама се наметна, како резултат на се поголемата експанзија на многу талентирани дизајнери. Има толку дизајнери што индустриски, што модни и дизајнери на накит, кои едноставно работат долги години и немаат каде да продаваат. Тоа обично го прават дома, продаваат и преку интернет, на различни базари и преку единствената опција за нивна промоција на Design Week и на Fashion Week. Млади се, многу ги има и сакаат да се покажат, сакаат едноставно да им се купува производот инаку зошто би дизајнирале ако продаваат. Јас веќе долго време живеам од мојата работа и од дизајнот, значи јас сметам дека тука има многу голем потенцијал и дека повеќе талентирани дизајнери можат исто така да живеат од него“, изјави организаторката Анита Гај.

Станува збор за седумнаесет домашни и странски дизајнерски имиња Росица Мршиќ, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Јована Филиповиќ, Оливера Штакоска, Елена Спасовска, Александра Митковска, како и брендовите Lotus Lounge Chair, Le Brand, Kapka jewelry, Daemonium, познатиот француски бренд за ракавици  Thomasine, српскиот бренд MOO SHEMA, Завај Дизајн, Фејдом, Творница и Лудус, кои веќе отпочнаа со продажба на своите дизајни во новата концептуална продавница.

„Конкретна селекција немаше таа е единствена природна селекција. Одлучив  луѓето што беа најблиски до мене, луѓето што најчесто ги среќавав, знаете дека сум дел од организацијата на Fashion Week, таму ги среќавам скоро сите но едноставно не и сите ме допреле на повеќе начини, нормално ова е само почеток, тука не застануваме, значи одиме понатаму, да бидат дел од овој проект. Јас мислам дека ќе имаат шанса сите дизајнери да продаваат тука, но пред сè треба да направат свој продукт, а тоа да го направиш не е само да го создадеш, треба да направиш и амбалажа, да направиш етикета, да го унифицираш, да стигнеш до еден квалитет без разлика дали станува збор за облека или накит, сметам дека сепак треба да се стигне до еден одреден квалитет кој ќе го надмине моментот импровизација и ќе стигне до моментот дизајн“, додава Анита.

Концептот на продавницата според организаторката ќе продолжи да се надоградува, бидејќи смета дека треба изложените дизајни да бидат во чекор со модата, трендовите и сезоните. Гај направи еден амалгам кој на едно место собра неколку форми на дизајни, меѓу кои индустриски, моден дизајн како и дизајн на накит, барем сега за сега.

Дизајнерката Росица Мршиќ е позната по своите модерни, софистицирани  модни парчиња кои носат моќен женски рачен потпис и визија за поставување на нови модни трендови. Еве што мисли таа за реализацијата на овој проект.

 

„Идејата не е моја, позади сето ова стои организатор кој што беше доволно храбар да ја покрене оваа иницијатива, се радувам што бев поканета да бидам дел од ова креативно катче и се надевам дека ќе имаме доволно посетители и љубители на домашната односно македонската дизајнерска сцена како и повеќе соработки со странски дизајнерски имиња“, вели Росица.

Според неа, вакво нешто навистина му недостига на Скопје, место каде што ќе се обединат креативците и ќе можат гласно да зборуваат на оваа сцена. Во продавницата таа изложи парчиња од последната колекција пролет-лето 2014 со која настапи и на модната недела.

И младата талентирана дизајнерка Ирина Тошева не можеше да ја скрие возбудата и задоволството од одлично сработената работа и ни откри кои модели се изложени во новата продавница, а позборувавме и за идните планови.

„Во новата концептуална продавница изложив неколку парчиња од последната колекција како и неколку нови парчиња, односно два комбинезони кој во кројот тотално се согласуваат со пролетната колекција но имаат малку поинаков принт. Следно, планирам малку да одморам од оваа колекција, мислам дека доволно беше промовирана насекаде и време е да почне да се размислува и работи новата колекција бидејќи ни доаѓа и нова сезона.

Во склоп со претставувањето на модниот, индустрискиот дизајн како и дизајнот на накит, реномираниот режисер Милчо Манчевски реши да изложи свои фотографии дел од збирката „Пет капки сон“ која веќе беше промовирана во неколку странски земји. Тој нештата ги гледа низ призмата на неговата верна пријателка- уметноста. Специјално за читателите на fashionel.mk откри дека подготвува нов филм во Германија, а ние му посакавме многу успех.

Објавено:
26 јуни 2014
Категорија: 
Актуел