Период на промоција на македонски брендови во Lotus Design Store

14 октомври 2014

Модниот бренд Le Brand на дизајнерката Лили Кадинска, во соработка со Lotus Design Store и неколку македонски модни блогерки, викендов  во Lotus Design Store во скопскиот трговски центар Сити Мол ја претстави новата колекција есен-зима 2014/15. Со овој настан, Lotus Design Store го најави периодот на претставување на македонските модни брендови во текот на октомври и ноември.

“Идејата на Lotus Design Store е да ги собереме македонските дизајнери на едно место и да ги покажеме на публиката.  Нашата работа не е само теорија и атракција, туку е продукт кој може да се употребува, да се носи, врз кој може да се седи, производ кој може да не направи среќни и задоволни што го поседуваме. Токму таква за мене е оваа колекција на Лили, урбана и смела, ексцентрична и модерна, облека која не е за секого, туку за девојка која е сигурна во својот автентичен и оригинален стил”, вели Анита Гај, дизајнер на Lotus Lounge Chair и оснoвач на концептуалната продавница Lotus Design Store.

Промоцијата на Le Brand беше изведена на еден невообичаен начин, со изведба на моден перформанс од страна на македонските модни блогерки, кои ги комбинираа дизајните од новата колекција на Le Brand со сопствени парчиња облека.

“Идејата е да се покаже како различни личности ги доживуваат парчињата облека кои се создадени под еден концепт. Начинот на комбинирање пак ја има моќта целосно да го измени концептот на креациите. Ова беше прва ваква соработка и може да биде поттик за понатамошни заеднички проекти. Потребни се вакви интерактивни настани кои го доближуваат производот поблиску до публиката”, вели дизајнерката Лили Кадинска.

Во продавницата ќе бидат изложени колекциите од учесниците на FWSK, а после фестивалот на модата, во Lotus Design Store ќе почнат редовно да изложуваат повеќе дизајнери меѓу кои и македонскиот дизајнер од Банкок, Јован Петровски, со двата бренда Squire и Blackout. Веќе следната сабота 18-ти токму оттаму ќе се промовира колекцијата на урбани светилки "City Lights" од дизајнерката Ели Аин.

 

Објавено:
14 октомври 2014
Категорија: 
Актуел