Почина пејачката на „Roxette“

10 декември 2019

Денеска светот се збогува со Мари Фредриксон, пејачката на популарниот поп-рок состав од 80-те и 90-те „Roxette".

Шведската музичка ѕвезда починала вчера, во 61-та година од животот, по долго и тешко боледување, како што пренесуваат светските медиуми.

Ќе остане запаметена како еден од најпрепознатливите поп-рок женски вокали, што заедно со Пер Гесл, со кој во 1986 година го формираа дуото, зад себе оставија богата дискографија и безвременски хитови меѓу кои и „It Must Have Been Love", „Joyride", „Listen To Your Heart", „The Look"...

Во 2002 година на Мари ѝ беше дијагностициран тумор на мозокот, по што следуваше долгогодишна борба со болеста.

Во една прилика во 2016 година, откако поради болеста ја откажаа нивната летна турнеја по повод 30 години од основањето на „Roxette", таа ѝ се обрати на јавноста:

- Ова беа фантастични 30 години од мојот живот. Кога ќе погледнам назад ги паметам само радоста и среќата. Групата е голем дел од мојот живот. За жал, мојата турнеја завршува и би сакала да им се заблагодарам на сите фанови кои не следевте до крајот, порача Мари.

Во три децении постоење, „Roxette" одржаа преку 550 концерти и продадоа повеќе од 75 милиони албуми.

Фото: FB - Fan Page „Roxette“

Објавено:
10 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.244 пати