Приказната за Коко и „Chanel N°5“

19 август 2020

Велат дека секои 55 секунди се продава по едно шишенце од „Chanel N°5“, култниот парфем кој самата дизајнерка го нарекла „Мирис на жена“.

Инаку, Коко Шанел е родена на 19 август во 1883 година. Мајка ѝ умира рано, а Габриел на 12 годишна возраст, заедно со двете сестри ќе заврши во сиропиталиште, бидејќи нивниот татко нема да сака да се грижи за нив. И иако иронично, ќе излезе дека тоа е најдобрата работа која можела да ѝ се случи. Тоа е местото каде ќе научи да шие и ќе го развие талентот за дизајн.

Патеката по која одела секој ден на молитва во катедралата, била направена од кружни облици групирани по пет. Шанел сметала дека тој број ја симболизира суштината на работите, нејзиниот дух и мистичното значење.

Години подоцна, во 1920-тата, кога веќе ќе биде позната дизајнерка и успешна деловна жена, а со тоа и миленичка на елитата во Париз, ќе одлучи дека сака да создаде и парфем. Сакала мирис кој ќе одговара на нејзиниот стил и карактер. Требало да ја содржи сензуалноста и сложеноста на модерната жена, односно намерата била да се создаде комплексен мирис во кој ниту една нота нема претерано да се издвојува. Мирис за своите најдобри клиенти, што беше нов тренд меѓу модните куќи. Ѝ било важно парфемот да ја има свежината која ја паметела од своето комплексно и проблематично минато - мирис на сапун, тукушто измиена коса, од деновите кои ги поминала во манастирското сиропиталиште.

Сепак, да се најде човек кој ќе го постигне тоа и ќе го направи парфемот не било ни малку лесно. Во тоа време свеж мирис можел да се постигне со употреба на цитрус. Да, тие биле свежи и шармантни ноти, но не и трајни.

Доцна во летото 1920-та Коко била на одмор на Азурната обала, со љубовникот, војводата Димитриј Павлович. Таму слушнала за софистицираниот создавач на парфеми, Ернест Бo, кој правел парфеми и за руското кралско семејство. Тој го прифатил предизвикот кој Коко му го дала. Му требало неколку месеци да го усоврши новиот мирис и ѝ претставил 10 примероци.

Помеѓу тестерите означени со броеви од 1 до 5 и од 20 до 24, Коко го одбрала мирисот кој се наоѓал во шишенцето со број пет. „Колекцијата ја претставувам на 5 мај, петиот ден од петиот месец во годината, па овој примерок ќе го задржи името кое веќе го има, тоа ќе донесе среќа", му рекла дизајнерката.

Уште поинтересно е што токму таа мешавина била резултат на лабораториска грешка. Наводно некој од помошниците на Ернест додал доза алдехид во количество кое никогаш претходно не се користело. Еден од алдехидите мирисал како сапун и веројатно тоа е она што, во комбинација со другите состојки, најмногу ја привлекло Коко.

Резултатот бил заводнички цветен мирис, кој не бил сличен ниту на еден друг на пазарот тогаш. Кога бил готов, Коко го викнала Бо и уште неколку блиски пријатели во еден елитен ресторан во Париз да прослават. Дизајнерката прснала од парфемот на масата и околу неа. Како што поминувале жените, така застанувале да прашаат кој е тој парфем и каде можат да го купат.

Тоа било потврдата на Коко дека создале револуционерен парфем. На ревијата на 5. мај 1941 година, секое од парчињата било намирисано со парфемот, а за одбраните пријателки, Шанел испратила и подарок шишенце.

Успехот настапил веднаш!

Во една прилика Мерилин Монро изјавила дека во кревет носи само неколку капки „Chanel N°5“, што било сосема доволна причина милиони жени да посакаат да го имаат. Интересно е и тоа што во текот на Втората светска војна, од „Шанел“ ги затвориле сите продавници, освен онаа каде што се продавале парфемите. Кога војната завршила, американските војници влегле во Париз и помеѓу другото, се впуштиле во потрага за оригинален подарок кој би ги развеселил нивните сакани. Секако дека „Chanel N°5“ бил најпродван.

Меѓу занимливостите е и податокот дека Ричард Аведон во 1969 година ја снимил првата реклама за „Chanel N°5“ во Њујорк. И покрај тоа што траела само неколку секунди, била една од најскапите направени во тоа време.

 

Објавено:
19 август 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.446 пати
Тагови: 
Шанел Chanel N°5