Култниот македонски бенд „Санаториум“ со „Параноја“ се враќа на сцената

Македонскиот култен треш состав Sanatorium се враќа на сцената со нова песна насловена „Параноја". Моќна, брза и енергична..., онаква каква што нивните фанови и очекуваат од нив.
Ваквиот кам бек се случува во моменти кога се чини дека тоа е најпотребно за публиката. Новата композиција на Sanatorium е во целост авторско дело на членовите на бендот Перо Стефановски, Горан Атанасов, Горан Станковиќ, Бобан Василески и ex. гитаристот Константин Качев. Во снимањето на „Параноја" учествуваа Бобан Василески, Александар Стефановски и Дарко Дарковски, а миксот и мастерингот се дело на Александрос Крисидис.

Видео продукцијата е на тапанарот Горан Атанасов.

Фото: Стефан Рајхл

Санаториум се оформени во Скопје во 1987 година. За кратко време, успеваат да го привлечат вниманието на публиката и критиката. Тоа е повод да бидат поканети на најголемиот метал фестивал во Југославија, HARD METAL (Нови Сад 1991 и Белград 1992) каде добиваат повеќе понуди за снимање на нивниот деби албум, но за жал тоа не го реализираат заради распаѓањето на Југославија. Конечно, во 1992 година САНАТОРИУМ влегуваат во студиото на Македонската Радио Телевизија и го снимаат својот деби албум, но заради несогласување со издавачот, албумот го снимаат на македонски јазик, а не на англиски како што сакаат тие.

После издавањето на албумот „На работ на разумот" тргнуваат на турнеја низ Балканот и соседните земји, од каде произлегува и вториот снимен материјал наречен „Live in Hungary", како и видео од истиот настап. Во 1996 година го реализираат третиот албум наречен „No more", комплетно испеан на англиски јазик, освен бонус песната која е на македонски. После издавањето на албумот следат низа концерти низ Европа.

Во август 2000 година, по подолга пауза САНАТОРИУМ настапуваат на фестивалот METAL 2000 во Софија заедно со легендите Motorhead. Забележителен настап имаат и на фестивалот Таксират 2 на 25.11.2000 година. На 16.6.2001 го промовираат своето ново CD кое го содржи комплетниот материјал од првиот албум „На работ на разумот" дополнет со две нови песни, снимени во студиото на Дарко Димитров, како и три концертни снимки.

Потоа следат настапите за промоција на албумот низ градовите во Македонија, како и концертите со Slayer и Halford во Софија (Бугарија) и со Soulfly во Белград (Србија).

 

Објавено:
3 септември 2020
Прегледно:
151 пати