Сон близок до кошмар: Уредничката на бразилскиот „Вог“ секојдневно им сервирала мобинг на вработените!

11 септември 2020

Поранешни вработени во бразилското издание на магазинот „Вог" јавно проговорија за психичките тортури и мобингот што секојдневно им го сервирала на нивните работни места, поранешната уредничка Даниела Фалкао, која била на оваа позицја од 2010 до 2016 година. Како што објаснуваат тие, сценариото на „Ѓаволот носи Прада" било ништо во споредба со психичките тортури со кои тие се соочувале.

Магазинот buzzfeednews.com разговарал дури со 27 поранешни вработени, од кои повеќето сакале да останат анонимни, но имало и такви кои со име и презиме јасно посведочиле за пеколната атмосфера на работното место.

„Понижувањето беше константно. Секогаш имаше некој во тоалетот со подуено лице од плачење", вели еден од соговорниците, саркастично додавајќи дека тоалетите во бразилскиот „Вог" не се користеле само за физиолошки потреби, туку многу почесто за плачење.

„Каде си тргнала со такво лице", „Планираш ли некогаш да се нашминкаш". „Види колкави ти се градите", „Што си облекла" – се само дел од погрдните нафрлања на уредничката кои нејзините „потчинети" морало да ги трпат.

Па тука веднаш доаѓа размислувањето, зошто го трпеле сето тоа, зошто не дале отказ.

Но, искуството на сведоците говори дека, да се работи за „Вог", но и да се даде отказ од „идеалното" работно место воопшто не е едноставно. Сепак тоа е работа од соништата за која повеќето само мислеле дека ќе остане сон. А, кога веќе сонот станал реалност, преминале преку многу препреки за „сапуницата да не се распрсне".

Кога Марина Миломем, 24-годишна новинарка, започнала да работи како практикантка во бразилскиот „Вог", без претходно искуство, мислела дека оваа позиција води до нејзината работа од соништата.
Но, брзо се соочила со разочарувањето дека границата меѓу сонот и кошмарот е тенка. Уште во првите денови била сведок на гласни надвикувања во канцеларијата на менаџментот и постојано гледала како некој го напушта тоалетот во солзи.

„И самата го искусив тоа", вели таа за buzzfeednews.com.

Откако од магазинот ја побарале Даниела за нејзин коментар околу сите обвинувања, таа се бранела со молчење. Инаку, таа дошла на една од највлијателнте уредувачки позиции, без претходно искуство и големо предзнаење за модата, затоа што долги години била репортер во политичката сфера.

Уште еден загрижувачки момент е што, вработените во повеќе наврати поднесувале приговор против неа до службите одговорни за човечки ресурси, но постојано наидувале на игнорирачки однос, што уште повеќе ја отежнувало нивната ситуација која стигнала до ниво на безнадежност.

Тука се поставува прашањето, уште колку „модни" редакции се соочуваат со вакви сценарија, ако се земе предвид дека колку што е престижна, оваа сфера знае да биде исто толку сурова? И дали надлежните сектори и институции преземаат одговорност за решавање на ваквите проблеми.

Мобинг е мобинг, независно дали тоа го прави некој од глава до пети облечен во Прада или во банка или во локален маркет. Во секој случај и во секое сценарио, тој што се однесува нехумано, за тоа треба да одговара.

Крајниот заклучок што особено се однесува на модната сфера е дека: бојата на карминот или брендот што го носите, не се позначајни од тоа како ги третирате луѓето.

 

Објавено:
11 септември 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.220 пати