Празничната реклама на „Дизни“ ќе ве разнежни: Да не ги забораваме семејните традиции

Почна сезоната на празнични реклами, а досега „Дизни“ е меѓу најубавите што сме ги виделе. 

Приказната за бабата Лола и нејзината внука ќе ве разнежни. Имено, тие две секоја година пред Божиќ заеднички прават украси во форма на ѕвезда, а омилената играчка на Лола од детството е секогаш дел од таа приказна. 

Како минуваат годините, оваа нивна традиција почнува да бледее. Сепак, еден ден, веќе возрасната внука, ќе ја изненади баба си создавајќи совршени ѕвездени украси и подарувајќи ѝ ја својата омилена „Дизни“ играчка.

Реклама која ќе ве потсети на најблиските, на традицијата, на малите нешта што знаат да не' направат бескрајно среќни или пак тажни, ако веќе ги немаме.

„Времињата се менуваат и луѓето созреваат, омилените семејни традиции создаваат доживотни спомени кои се пренесуваат од генерација на генерација и не' сплотуваат, особено во празничниот период“, порачуваат од „Дизни“.

Инаку, во тек е и кампања на компанијата во соработка со хуманитарната организација „Make a Wish“, со која ќе се потрудат да остварат желби на деца ширум светот. 

На Инстаграм, Фејсбук или Твитер можете да споделите празничен семеен спомен со ознаката #LoveFromDisney.

„Со секоја ознака, ние ќе донираме еден долар во ваше име за организацијата „Make a Wish“ (додека не стасаме до 100.000 долари)“, додаваат од „Дизни“ во соопштението.

Објавено:
9 ноември 2020
Прегледно:
5.861 пати