Приказната на Калвин Клајн е доказ за среќна „случајност“

19 ноември 2020

Американскиот дизајнер е еден од оние што не ја следеа, туку диктираа модата уште од самите почетоци. Познат по сексапилот и контроверзноста, тој се' уште е доследен на својата естетика.

Неговите почетоци се скромни. Шнајдерскиот занает го учи од баба му. И бидејќи од дете бил опкружен со ткаенини и рачна изработка, не постоел друг избор освен да се образува за моден дизајнер. 

Во време кога конфекциската револуција ќе го преплави брегот на западната Америка, во 1968 година, младиот уметник и неафирмиран дизајнер Калвин Клајн ќе го отвори своето модно студио. Тоа ќе успее да го направи со финансиска помош на Бери Шварц, негов пријател од детството. Бери ги имал парите, а Калвин талентот и резултатот е од тој спој е модното студио за капути во просториите на хотелот „Јорк“, кој се наоѓал во срцето на Њујорк.

И без разлика дали верувате во случајности или судбина, ќе се согласите дека кога нешто е предодредено на успех, коцките сами ќе се наместат.

А приказната на дизајнерот е доказ за тоа.

Имено, еден ден, директорот на бутиците над модното студио на Клајн ќе стисне погрешно копче во лифтот и наместо на неговиот кат, лифтот ќе го донесе точно пред просториите на ателјето на дизајнерот. Воодушевен од тоа што Калвин го нуди, ќе направи порачка од неверојатни (и сега, а уште повеќе тогаш) 50.000 долари. 

Овие пари, дизајнерот ќе ги вложи во материјали и реализација на нови идеи. Напорната работа, која значи останување до доцна, креирање и малку сон, вродила со плод - се роди новото име во модната индустрија.

И Калвин нема да чека многу за да го вкуси успехот. Веќе наредната година, тој ќе се најде на страниците на магазинот „Вог“ и уште повеќе на насловната, што дефинитивно се толкува како моден триумф. 

Тоа нема да го оттргне од трудољубивоста, па во наредните години ќе работи уште попосветено, за после првата деценија од постоењето, да може да се пофали со обрт на средства во износ од 30 милиони долари (на годишно ниво).

Воедно, ова ќе биде поттик Клајн и Шварц да се впуштат и во дизајн на долна облека, чевли, крзно, но и модни додатоци како очила, ремени, марами... Вредноста на конгломератот кон крајот на 80-тите ќе достигне милион долари, а тоа ќе значи и отворање на ново поглавје - џинс!

Тоа ќе бидат најсексапилните а и најпрактични парчиња облека некогаш смислени - од модна писта до работна униформа, од канцеларија до диско клуб. Со лансирањето на џинс колекцијата, Калвин Клајн ќе го загарантира своето место на светската модна сцена. А со ангажирањето пак на атрактивни модели и провокативните, често и контроверзни реклами ќе постави нов начин на изразување и презентирање на модата, што уште повеќе ќе ја зголеми неговата популарност.

Билбордите со Кејт Мос во долна облека и Марк Волберг ќе ја најават новата ера во модата и ќе направат неверојатен бум. „Сексапилот продава“ ќе стане водечка синтагма на брендот, кој е на самиот моден врв повеќе од половина век.

Калвин Клајн се смета за еден од американските модни револуционери, а денеска го прославува 78 роденден.

 

 

Објавено:
19 ноември 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
459 пати
Тагови: 
Калвин Клајн