ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

Македонка создава креации со мирис на чоколадо и вкус на љубов

12 февруари 2021

„Сила е способноста да скршите чоколадо на четири парчиња, а да изедете само едно од нив“... Вака отприлика беше и нашето искуство кога влеговме во чоколадниот свет на Викторија Петковска.

Добредојде ни посака мирисот на чоколадо. Не постои подобра ароматерапија од тоа. А потоа почнавме да го откриваме останатиот дел од чоколадното царство.

Викторија нè почести со топло топено чоколадо и ни ја раскажа својата приказна.

„На едно патување во Барселона со ќерка ми, пред неколку години, се најдовме во една уличка со прекрасни чоколатерии. Имаше премногу вкусни и на изглед фантастични чоколада. Таа фасцинација ме држеше и кога се вративме дома. Сакав сама да се обидам да направам, да видам како ќе изгледа. Првите обиди беа прилично катастрофални. Многупати кујната ми беше чоколадирана, како да имаше експлодирано чоколадна бомба : )“, вели таа.

Но, била упорна во намерата да успее да направи макар мала фигуричка од чоколадо.

„Ќерка ми доби многу пакетчиња за Нова година тогаш, и пробував да ги стопам чоколадите и тешко ми одеше и се чудев како луѓето воопшто прават чоколадо и како им успева. На крајот најдов чоколадо кое успеа да се стопи и почнав да се обидувам. Првите мои „креации“ и вкусови ги пробуваа домашните и тогашните мои колеги, ги слушав нивните мислења и се усовршував“, додава Петковска.

Чоколадото вели има магија, а неа  ја обземала и ѝ ја дала светлината токму тогаш кога ѝ било потребно да се ослободи од темнината.

„Во минатото мојата мајка беше многу болна, и јас ќе се погрижев за неа, потоа ќе го средев детето кое тогаш беше помало и ќе се фрлев на правење чоколадо. Во тој хаос, јас бегав со помош на чоколадото. Тоа ми беше единственото бегство, секоја вечер правев чоколади, сè повеќе и повеќе.  Сега е друга приказната. Ова е моја егзистенција, ова ми е сè и јас немам друга опција. Ова е нешто во што целосно се вложувам“, вели Вики, со емоција која ја пробива секоја дистанаца која ни е зададена.

Денес прави фигури и рачно, но и со помош на модли, кои задолжително ги доработува. Самоук чоко-мајстор е, со огромна желба за досоувршување, но пандемијата ги изменила плановите.

„За да направите креација од чоколадо, потребно е првин многу љубов, а потоа и чоколадо како течна смеса. Јас сум самоук чоколатер, постојат обуки на кои би сакала да појдам, но во моментов не можам да си ги дозволам, ќе останат за понатаму. Исто така, сакав да ја посетам Италија каде има школи, но короната ги смени плановите. Сепак, не се обесхрабрувам, напротив, сама учам. Набавувам квалитетно белгиско чоколадо, не е мал влогот, но сакам вкусот да е беспрекорен. Сè што гледате е изработено и доработено од моја страна“, посочува Вики.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Choco Like (@chocolike_mk)

 

Во последно време, нејзини омилени вкусови се карамела и портокал во комбинацијја со чоколадо. Претходно тоа биле бело чоколадо и кокос, но темната варијанта сега е меѓу нејзините фаворити. Сепак, вели дека секој треба да го открие својот вкус.

„Постои една варијанта на карамелизиран вкус на портокал. Во самата смеса на црно чоколадо додавам паста од портокал и се добива фантастично богат вкус.  Не сакам силни темни чоколадо, но во моментов правам со чили, чоколада со  лимон, портокал, карамела, со карамелизиран корнфлекс, орео, со руби чоколадо. Самото чоколадо е розево и вкусот има сегменти на малина, малку освежувачки тон“, ни објасни домаќинката.

А во месец кога се слави љубовта, ја прашавме како би ја опишала врската помеѓу љубовта и чоколадото.

„Има луѓе што не сакаат чоколадо, но нема некој што не ја сака љубовта. Секој може да купи чоколадо и да подари некое во форма на срце, да изрази љубов и кога ќе видите, сè е поврзано со љубов. Чоколадото ја има и таа магија да создаде љубов, тоа сценарио од филмот „Чоколада“ е навистина можно. Чоколадото може секого да развесели – и ако е некој скаран и ако е тажен“.

Сепак, како и срцето, и чоколадото може да пукне или да се скрши и тогаш мора да се почне од почеток, не може да се поправи.

„Но, јас би посакала, сечие срце да се стопи од убавина како чоколадо, а да не крши“, вели низ насмевка Викторија.

И додека го водевме разговорот, Вики ја посети една мала пријателка која посака чоколадо, а доби на подарок и чоколатце во форма на диносаурус.

„Секому сакам да дадам подарок. Некој можеби и не може да си дозволи да проба, а зошто да му се скрати тоа задовлство. Знам дека тоа од бизнис аспект не е многу добро, но кога ќе видам некој среќен тогаш сум и јас“.

Всушност, токму таа среќа е и нејзиниот мотив.

„Мене ми е многу убаво додека го работам сето ова и кога ми е мене така, сакам и на другите да им е. Можеби некому ќе му звучи себично, но така јас гледам на нештата. Обожувам да правам персонализирани чоколади, посебно задоволство ми причинува нечија замисла да ја направам реалност. Неодамна дојде едно момче и порача куќа од чоколадо на чиј покрив седат тој и неговата сакана. Едно девојче посака чоколадо за нејзината свекрва. Се согласивме да ставам многу срциња, за да ја сака што повеќе. И убаво е кога на тој начин станувате дел од нечија приказна“.

На крајот од ова слатко искуство, жена чиј парфем веќе е мирисот на чоколадо, прати порака која токму во сржта ја има љубовта:

„Секој човек си е своја планина, тежина и убавина. Се воодушевувам на успешните луѓе и истрајните. Морам да успеам, квалитет имам, но се стремам кон повеќе. Еден ден би сакала да имам и поголема чоколатерија каде ќе можам да творам. Верувам дека и другите што се занимаваат со оваа девојност работат со љубов и вложуваат сè од себе, но јас ова го сакам најмногу на целиот свет. Чоколадото и љубовта ја имаат најголемата магија, затоа ќе им посакам на сите да се сакаат искрено, да се гушкаат страствено и да јадат чоколади за повеќе сласт...

Објавено:
12 февруари 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
5.790 пати
Тагови: 
чоколадо љубов