Неодамна, дизајнерот Ким Џонс го зеде кормилото на Фенди, кое претходно му припаѓаше на Лагерфелд.
Негово првенче беше колекцијата висока мода која си имаше свои, не толку славни моменти: самата колекција беше некоја бледа верзија на она што го опишува Фенди како бренд, а да не зборуваме за ликот на Деми Мур за кој јавноста не престана да шушка.
Сега на ред дојде ready to wear колекцијата која се покажа дека на Џонс му е јака страна, бидејќи ги исполни сите очекувања. Делува уредно спакувано, со кроеви кои ја нагласуваат силуетата, со парчиња кои апсолутно можат да се носат во секојдневието, а изгледаат луксузно и убаво и со сите актуелни модни трендови инкорпорирани во колекцијата - големи реси, вештачко крзно, пропорционални парчиња (горе кроп топ - долу подолго здолниште и обратно; долу шорц горе капут), oversize чанти и по некој принт.
Трендот кој најмногу остава впечаток се монохроматските комбинации, односно облекувањето од глава до пети во една боја, а Џонс тоа го прави на многу убав начин.Уште поубава е и есенско-зимската палета на бои за која се одлучил.
Колекцијата започнува со беж варијанти па на момент ќе помислите дека е Мајкл Корс во своите златни денови. Сепак, изгледа прекрасно.
Раскошноста продолжува во шампањ свилени парчиња, а истата текстура се задржува и во фантастичните дизајни на слип фустани во некоја совршено суптилна нијанса пастелна вишња боја.
Плетенините се во сивкасто-маслинеста варијанта, а колекцијата потоа преминува во бели фустани и капути со фантастичен крој.
Завршува со елек-фустани и одела во металик црна варијанта.