Изборот за Мис на Србија со еколошка порака: Еколошка свест-природна убавина

19 октомври 2013

Белграѓанката Милица Вуклиш (20) е крунисана со титулата за најубава претставничка на српската убавина за оваа година, во конкуренција на 22 финалистки на 18-от по ред избор за Мис на Србија кој се одржа на 15-ти октомври.

Сите финалистки на овогодинешниот Избор за Мис добија стипендија за четиригодишно школување на колеџот R&B, кој има лиценца за вработување во Европа.

Победничката ќе ја претставува Србија на изборот за Мис на светот за 2014 година.

На финалната вечер, девојките на своето прво појавување беа облечени во раскошни креации на српскиот дизајнер Пеџа Нериѓ, второто појавување беше во костими за капење, а на самиот финиш убавиците никого не оставија рамнодушен во гламурозните тоалети на Марија Шабиќ со уникатен накит на Воислава Жакуле.

Овогодинешниот избор за Мис на Србија се одржа под мотото „Еколошка свест-природна убавина“ и комплетниот визуелен идентитет на изборот наликуваше на голем парк, како на сцената на која се појавуваа девојките, така и  просторот каде беше сместена публиката, која пак имаше чувство како опуштено да ужива во природа. Уште еден забележителен момент, синхронизиран со целата замисла беа букетите кои ги добиваа девојките аранжирани со овошје и зеленчук, наместо цвеќе.

 

Мисицата игра салса

Милица Вуклиш е студентка на Градежниот факултет во Белград и сонува за тоа еден ден да направи градежен проект кој ќе живее вечно. Активно тренира одбојка веќе 11 години, а се занимава и со салса.

-Откако ја добив титулата, животот ми се одвива со побрзо темпо. Уживам во задоволството секој ден да учам нови работи, стекнувам искуство, запознавам прекрасни луѓе. Работам на себе, се усовршувам, и иако ја имам титулата само неколку дена, свесна сум за одговорностите кои таа ги носи, изјави Милица за fashionel.

 

Автор: Бранка Гајиќ, дописник на fashionel.mk од Белград

 

 

Објавено:
19 октомври 2013
Категорија: 
Актуел