Какви модели беа актуелни на модните недели?

22 октомври 2013

Во обид да ги сумираме впечатоците од светските модни недели за сезоната пролет – лето 2014 година, не можевме, а да не ги споменеме моделите што се прошетаа по модните писти.

Оваа година на модните шоуа во Њујорк, Лондон, Милано и Париз можевме да видиме некои од најпопуларните модели во светот, некои од нив ветерани, а некои почетници.

Покрај најбараните модели како Карли Клос, Кара Делевињ и Линдзи Виксон, оваа година на модните писти можеа да се видат многу свежи лица, како и некои од најдобрите модели на сите времиња.

Модели со темна боја на кожата

Се чини дека кампањите на Наоми Кембел за ангажирање на модели со темна боја на кожата конечно го видоа светлото на денот. Ако таа неодамна на суптилен начин ги обвини дизајнерите за расизам, објаснувајќи дека минатата сезона за модните недели не била ангажирана ниту една манекенка со темна боја на кожата, оваа година истите ги имаше во изобилство. На ревиите на различни дизајнери одеднаш прошетаа Џордан Дан, Џоан Смолс, Грејс Махари, Грејс Бол, како и некои од новите и свежи лица меѓу кои и Малика Фирт.

Руски модели

Руските модели како и изминатите сезони, така и оваа беа едни од најбараните за модните шоуа. На модните писти на сите дизајнери можевме да видиме голем број руски модели меѓу кои Ирина Кравченко (Луј Витон, Кензо), Дарја Строкоус (Диор, Ланвин, Баленсијага), Настасја Иванова (Диор, Ели Сааб, Делпозо), Василиса Павлова (Дрис Ван Нотен, DKNY), Ана Мартинова (Карвен, Диор, Филип Лим) како и многу други. Она што е особено интересно е тоа што на шоуто на Диор некои од најпопуларните руски модели на модната писта се појавија буквално една по друга и тоа Дарја Строкоус, Саша Лус, Ана Мартинова, Настасја Иванова, Ира Лис и Олга Тимокина.

Свежи лица

Што се однесува до новите и свежи лица, оваа година на модните писти можеа да се видат голем број нови модели. Некои од нив беа и Малика Фирт од Велика Британија, Холи Роуз Емери од Нов Зеланд, Ирина Лис од Русија и Кејт Гудлинг од САД. На модните критичари најмногу им се допадна Ирина од Русија која можевме да ја видиме на ревиите на Прада, Диор, Луј Витон, Александар Меквин, Валентино, Шанел и Џамбатиста Вали.

Топ – модели

Оваа сезона го најави и враќањето на големите модели како Наоми Кембел која можевме да ја видиме во прекрасно издание на ревијата на Дајан фон Фурстенберг. На некои од ревиите на светски познатите дизајнери се појавија и топ моделите Алек Век на Москино, Коко Роча на Жан Пол Готје, Миранда Кер на Стела Мекартни како и Влада Рослиакова на Диор.

Топ 3

На крајот, време е да ги одбереме најдобрите три модели чија убавина и професионалност можевме да ја видиме на овогодинешните ревии. Според многумина, тоа се 19 – годишниот француски модел Марин Делевју, која можевме да ја видиме речиси на секоја ревија од њујоршката модна недела. На второ место се најде французинката Жозефина ле Тoтур (Том Форд и Ралф Лорен), а на третото место естонскиот модел Елизабет Ерм (Изабел Марант, Џамбатиста Вали).

Објавено:
22 октомври 2013
Категорија: 
Колекции