Што да носиме на 40 степени?

28 јуни 2021

Го сакаме сонцето, но кога ќе најдодат врели денови како овие, предизвик е да се функционира, а во рамки на тоа и да се најде вистинскиот избор на облека.

Ние имаме пет предлози за тоа што најпаметно да се облече на вакви високи температури. Секако, уште поважно е од што се направени тие модели.

Ленот и памукот се на врвот на листата ткаенини кои се идеални за вакви летни денови. Бирајте широки кроеви, што не ви ја гушат кожата и што нема да ви создаваат дополнителна нервоза.

Не излегувајте од дома без заштитен фактор, очила за сонце и шешир како дополнителна заштита и секогаш имајте вода со вас.

 

Oversized кошули

И како што напоменавме, широките кроеви се идеални за високи температури. Со кратки или долги ракави, одберете го моделот во согласност со вашиот моден вкус или потреба. Идеални и за работното место.

Широки панталони

Не само што се тренди, туку се и едни од најудобните парчиња за лето. Ќе имате комоција и удобност при носењето, а супер се и за разни комбинации - од деловни до свечени.

 

Макси здолништа

Уште едно практично модно парче кое можете да го вклопите речиси во секоја ситуација. Со принт или еднобојно, со карнери или асиметрично - одберете си ги омилените кроеви и имајте неколку во вашиот плакар за да ги комбинирате за различни пригоди. 

 

Широки фустани

Уште еден актуелен тренд кој совршено ќе се вклопи во стилот за врели летни денови. Сезонава се актуелни оние во пастелни нијанси, а уште една нивна предност е што поради широкиот крој одлично им прилегаат и на слабите и на оние жени што имаат некој килограм повеќе. Парче кое ќе го облечете и веднаш сте дотерани, па ќе се вклопи идеално во вашиот брз распоред.

 

Комбинезони

Секако, мислиме на памучните со широки ногавици. Уште едно парче чија актуелност не згаснува, а која ќе биде ваш прв избор во многу летни пригоди. Во зависност од моделот, можете да го комбинирате и за свеченост и за работното место, трпи модни додатоци и е мошне практичен.

Објавено:
28 јуни 2021
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
8.825 пати