Честопати низ нашите содржини, сме пишувале за стилот на првите дами. Овој пат, во фокусот ни е стилот на првата дама на Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска.
Откако ја доби оваа функција, па до денес, јавноста може да посведочи на нејзини бројни ангажмани во општествен, социјален и секако дипломатски контекст.
При секое нејзино јавно појавување, се труди да остане доследна на естетиката која и најдобро ѝ прилега - елеганцијата.
Постојат неколку модни трикови со кои често се служи, а кои секако ја прават нејзината модна приказна комплетна.
-Марамите се меѓу омилените модни додатоци. Без разлика дали се работи за црн елегантен, безвременски фустан или пак за посекојдневна комбинација која подразбира панталони и ролка да речеме, марамата е модниот додаток со кој таа го „освежува“ секој изглед. Можеби не можеме често да ја видиме во облека со принт, но затоа марамите речиси секогаш се дезенирани.
- И кога сме кај принтовите, да, нејзиниот изглед најчесто е минималистички. Има неколку кроеви што знае дека одлично ѝ прилегаат и се користи со нив, не експериментирајќи премногу. Носи комбинации во една, најмногу до две бои. Креациите кои се во прав крој се секогаш комотни и никогаш вулгарно не го оцртуваат телото, додека пак, широките здолништа и потесен горен дел е уште една добитна комбинација.
-Црни хулахопки - особено во зимските стајлинзи, таа речиси никогаш не отстапува од матираните црни хулахопки секако со црни обувки. Овој моден трик со кој се служат и парижанките, кои речиси и да не знаат што се тоа „месо боја хулахопки“ како што во нашиот народ се комуницира, секогаш остава простор да ја надградите комбинацијата на начин на кој посакувате.
-Не стравува од бои - И црната, односно класичните црно-бели комбинации заземаат почесно место во нејзиниот гардеробер (барем од она што сме можеле да го посведочиме на јавните појавувања), но првата дама покажа и дека воопшто не стравува од боја. Розовите и виолетови нијанси се нејзин најчест избор и признаваме умее одлично да ги носи, но подеднакво добро изгледа и во зелени, односно црвени, сини нијанси, па би било одлично доколку во иднина ја гледаме во што поведри комбинации и посмел избор на бои.
- Бисери, брошеви и ремени за нагласување на модниот израз - Никогаш нема да ја видите со впечатливи или долгнавести обетки, што е и сосема добар избор и поради функцијата што ја има, но и поради нејзината градба. Затоа, често носи бисерни ѓердани - модна класика која најчесто ја комбинира со црни фустани. Доколку нема ѓедан има брош, а ременот (широк или тенок) е речиси задолжителен. И покрај тоа што има тенка става, ременот дополнително ја прави нејзината фигура складна.
-За крај, во речиси сите нејзини појавувања носи домашен, македонски дизајн, што е секако за поздрав, но без директна промоција на дизајнерите или модните куќи. Неретко можеме да ја видиме во иста креација и неколкупати со што е во склад со актуелните модни трендови на одржливост. Низ годините изгради имиџ на елегантна дама, која не сака да е премногу наметлива, а сепак знае како да биде и впечатлива, оддавајќи му секогаш простор на она што е суштинско.
Во продолжение погледнете ги нашите Топ 5 комбинации на првата дама:
#1 Син свилен комплет составен од асиметрично здолниште и палто со дворедно закопчување. Оваа средба со првата дама на Хрватска, Сања Мусиќ Милановиќ, беше вистинско модно освежување, бидејќи и таа одбра женствена комбинација во интензивни бои, многу модерна и впечатлива, така што двете во комбинација оставија навистина впечаток и покажаа дека и модниот избор при дипломатските средби не мора да е здодевен.
#2 Во рамки на посетата во Загреб, беше и дел од конференцијата посветена на жените во информациско-комуникациската технологија во Хрватска, а беше пречекана и на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот во Загреб, а за тие пригоди одбра фустан со широко здолниште и широк ремен во јоргован нијанса.
#3 По повод чествувањето на денот на Свети Кирил и Методиј во Рим, претседателот Стево Пендаровски и првата дама Елизабета Ѓоргиевска беа во официјална посета на Ватикан. Со внимателен пристап за почитување на строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај папата Франциск, Елизабета Ѓоргиевска носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата со спефицични модни детали. Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16 век. Велот пак, содржи посебна симболика. На него е испишана реченицата на Кирил, „Зарем сонцето не нè грее сите", испишана на глаголица. Зад креацијата се потпишува дизајнерката Лидија Георгиева.
#4 Минатата година, првата дама во „Вила Водно“ ги угости студентите и специјализантите од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет во Скопје, а нејзиниот моден избор беше класично бело одело со палто дворедно закопчување и панталони со поширока ногавица. Полн погодок, ако се земе предвид и како ѝ стои, но и какви се модните трендови последниве неколку сезони.
#5 За крај една позимска комбинација, но сепак впечатлива. Се работи за бел капут со широк крој во долниот дел, висока руска крагна и широк ремен на половината. Во комбинација со колор-блок чевли и црна комбинација одоздола, спои класика и тренд, со кој се користат и други први дами.
фото извор: instagram.com/elizabetagjorgievska/