(Фото) Свечено отворање и црвениот килим на 43. издание на „Браќа Манаки“

20 август 2022

Вчеравечер, со свечена програма и традиционално официјално отворање, под тематската одредница „Реалноста не е доволна", започна 43-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки", што годинава наместо во септември се одржува порано, а трае подолго од вообичаено, односно до 26 август.

Во Центарот за култура во Битола, церемонијалниот дел помина во знакот на брилијантниот оскаровец, пионерот на дигиталната кинематографија Ентони Дод Ментл, на кого претседателот Стево Пендаровски му ја врачи наградата „Златна Камера 300" за животно дело. Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм" за исклучителен придонес во македонската кинематографија постхумно му беше доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија-Медо, а ја прими неговиот син Горјан Петар Тозија, како уште еден клучен момент од официјалното отворање на фестивалот кое беше заокружено со настап на „Фолтин" и проекција на францускиот игран филм „Мајка и син".

Фото: Општина Битола

Неминовен дел од церемонијата на свеченото отворање е и црвениот килим, како не многу честа прилика кај нас, да се покаже модна култура со што меѓу другото ќе се оддаде почит кон големината на фестивалот и неговата вредност како прв и најстар фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите.

Иако димензијата на фестивалот и неговиот бонтон подразбираат свечен изглед, истовремено остава простор да се надминат границите на формалноста, па ако ги следиме примерите не само во светот, туку и во регионот, ќе добиеме претстава дека црвената патека дава голем потенцијал да се покажат креативност и инвентивност кои на вечерта ќе ѝ дадат посакувана доза на модна возбуда наспроти досадната формалност. Така модата протолкувана низ личниот стилски сензибилитет од една страна и реномето на фестивалот од друга, даваат шанса црвената патека па се трансформира во вистинско модно дефиле.

Се чини дека сепак, иако не постојат строго одредени правила, елеганцијата и сигурните црни комбинации, се естетика која останува најприсутна и како најбезбеден моден избор на гостите кои продефилираа на годинешниот црвен килим, се разбира со исклучоци кои даваат стилска слоевитост во генералната слика.

Дел од дефилето беа и голем број политичари, министри, градоначалници, претставници на дипломатскиот кор, филмски работници, режисери, актери, љубители на филмската уметност...

Домаќинот и директор на ИФФК „Браќа Манаки", Симеон Дамевски, достојно и во целост го испочитува дрес-кодот како и минатата година, одлучувајќи се за елегантен смокинг.

Првата дама Елизабета Ѓоргиевска покажа елеганција во смарагдно зелен свечен фустан во асиметричен крој потенциран со карнери и појас околу струкот.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на себе носеше црна тоалета со макси должина во асиметричен крој во горниот дел, кај кој акцентот беше на масивните карнери.

Дополнително, пред во продолжение да ја погледнеме галеријата од црвениот килим,  се потсетуваме на неколку безвременски бонтон правила кои нѐ насочуваат како да направиме коректен и соодветен моден избор кога се подготвуваме за црвен килим:

Жени

Жените се малку послободни во изборот, но тоа колку може да биде предност, може да биде и недостаток, ако не знаете како да ги искомбинирате нештата или пак ако не знаете да го носите моделот.

*Кога е црвениот килим во прашање, најдобар избор се долгите тоалети. Дури, дозволено е и да се подолги, да се влечат, но не до тој степен да не може да одите, или да изгледате како да сте вкопани во земја. И покусите должини се во ред, а меѓу најприфатливите се миди должините..

*Одличен избор може да биде и женското одело со пристојна доза на сексапил. Но, и тука постои избор – дали ќе носите одело, кое ќе подразбира кошула и вратоврска пеперутка како кај мажите, или пак ќе се определите за похрабрата варијанта. Ако ова второто е вашиот избор, тогаш внимавајте да не бидете вулгарни кога е деколтето во прашање.

*Накитот е задолжителен, но внимавајте да не претерате. Ако фустанот е избработен од богат материјал, накитот треба да е дискретен и едноставен. Ако пак, фустанот е поедноставен, тогаш истакнете се со накитот. Ако носите многу накит, тогаш добро координирајте го и гледајте да е со исти мотиви.
Високите потпетици се исто така задолжителен избор. Плик и клач чантите се исто така еден од задолжителните модни додатоци.

Мажи

*Мажите треба да носат одело или смокинг, кои најдобро би било да се изработени од волна. Сакото може да биде на дворедно закопчување или пак едноредно.

*Реверите можат да бидат остри, или пак со т.н шал крагна. Мошне популарни се „забестите" ревери, но ако се оди според традицијата, тие не се прифатливи. Реверите можат да бидат од сатен или свила.
Сакото не смее да се носи откопчано.

*Кај едноредното закопчување, пожелно е сакото да има едно копче, иако во последно време, се прифаќаат и две. Доколку пак немате избор и сакото има три копчиња, во тој случај се закопчува само средното или пак првите две. Џебовите на сакото никако не смеат да се со капаци.

*Панталоните не смеат да бидат ниту предолги, и да ја кријат потпетицата на чевлите, но ниту пак да бидат прекуси, па да остават таа да се гледа целосно. Материјалот од кој се изработени панталоните треба да биде ист со оној на сакото. Работ на средината на панталоните треба да биде во иста линија со врвот на чевлите.

*Кошулите треба да се бели и исклучиво со долги ракави. Под неа треба да се носат маици што не оставаат трага, затоа маиците на прерамки не се опција.

* Манжетните треба да се закопчани и тоа исто така, или само со едно закопчување (Франција) или две закопчувања (Британија).

*Кога е вратоврската пеперутка во прашање, нема да згрешите. Во поново време се сè поприфатливи и вратоврските, кои не би требало да се прешироки во горниот дел. Ако се одлучите за вратоврска, тогаш должината на вратоврската треба да е до шнолата на ременот. Ако носите смокинг или сако со едно копче, тогаш вратоврската не е опција.

 

 

Објавено:
20 август 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.100 пати