Теа Трајковска: Сè уште ја „враќаме во живот“ македонската поп музика

5 октомври 2021

„Не ми даваш сон“ е песната која веруваме сте ја слушнале и си ја потпевнувате. Од неодамна е актуелна во македонскиот музички етер, а ја изведуваат групата „Дупер“ и Теа Трајковска.

Со оглед на тоа дека имаше одлични реакции, а воедно гледаме прв дует од младата генерација изведувачи, ја поканивме Теа да биде дел од нашите нови „Приказни од градот“ и да поразговараме за музика, мода, Скопје...

Разговорот следи во продолжение:

 

Теа, ова е твоја прва соработка со „Дупер", а и генерално дуетска песна. Какво ти беше искуството, како дојде до соработка со момците од групата?

-Секогаш е интересен и непредвидлив музичкиот резултат кога ќе се спои звук и енергија на различни артисти. Мислам дека на домашната сцената ѝ се потребни повеќе соработки како и поддршка на музичарите меѓусебно. До оваа соработка дојде преку друга песна која требаше да ја правиме, за откако се споивме и влеговме во студио да ја направиме заедно "Не ми даваш сон". Беше забавен процес за сите тројца и морам да го спомнам мојот продуцент Лазе (Лазар Цветкоски), кој успешно нѐ „хендлаше“ со сите идеи и успеа да извади нешто сосема ново од нас - вели нашата соговорничка.

Поминаа повеќе од две недели како што е објавена песната, па не можевме да не ја прашаме за тоа какви се реакциите кои допираат до неа, и генерално, како котира песната во однос на другите што се појавија периодов:

-Реакциите се супер и сè уште секојдневно слушам коментари за песнава што многу ме радува. Лично, јас немав очекувања околу тоа и најважно ми беше да сме задоволни ние и да има љубов во самата песна, а претпоставувам дека кога емоцијата е искрена тоа публиката го чувствува и го препознава.

 Теа за првпат е наша соговорничка, а овој наш разговор запознавање. Ја прашавме зошто ја одбрала музиката како нејзина професија, а таа ќе рече дека всушност, музиката ја одбрала неа.

-Музиката ме одбра мене, а не обратно. Би било одлука ако одлучам да се занимавам со нешто друго бидејќи отсекогаш ми била прв избор и прва љубов. Свирам клавир од шест години, а првата песничка ја напишав и испеав на седум години на тогашниот национален избор за Детска Евровизија. Вака ми изгледа мноогу одамна, ама имам допрва уште многу за одење до таму каде што сакам да стигнам :) - признава Теа.

- Млада си, одбра сценска работа, каков стил преферираш и која музичка ѕвезда ти е инспирација можеби?

-Сакам да менувам и експериментирам и сакам мојот личен стил да расте и да созрева заедно со мене. Во секојдневието се облекувам по чувство, има периоди кога со недели преферирам тренерки и периоди кога сакам да се 'дотерам' и за на кафе. Се разбира, за моите професионални ангажмани се консултирам и работам со мојот тим, но и тогаш сакам да имам свое мислење и краен збор за тоа како се гледам себеси и како треба да изгледам. Важно ми е да сум своја, а не слеп следач на трендови и ме инспирираат креативни артисти, а не ријалити-шоу-моментални ѕвезди - потенцира Трајковска.

И токму затоа, не би ни сакала да ја гради кариерата по скандали.

-Сакам публиката да ме знае по мојата работа и музика, а не по скандали и „рекла-казала“ муабети. Сѐ што трае и вреди не се гради и постигнува преку ноќ. Нема инстант успех без hard-work и искуство, па така го гледам и тоа што го работам - како патување, а не дестинација. Сè уште се запознавам себеси, ама мислам дека тоа е нешто што никогаш не престанува бидејќи и ние самите се менуваме со секој следен ден. Сè уште работам на тоа што ќе биде најдоброто од мене :). Целам на тоа да сум задоволна од себе и да имам добар фидбек од слушателите за нешто што и на мене самата ми се допаѓа и сум среќна кога го создавам. Не би пеела нешто во кое јас не верувам само за да се допаднам некому- ни најави.

- Се појави нова генерација македонски изведувачи на сцената, од која си дел и ти... Како тебе ти изгледа музичката сцена во моментов? Што ти е предизвик? Колку комуницирате меѓусебе, бидејќи сте блиски по возраста...?

- Супер е што се раздвижи сцената и што има повеќе македонска музика и нови артисти и изведувачи бидејќи сè уште ја градиме и "враќаме во живот" македонската поп музика после еден подолг, не баш сјаен период. Со колегите комуницирам одлично и ептен искрено им се радувам на проектите кои ќе ми се допаднат знаејќи колку труд имаат вложено во истите - нагласува младата пејачка.

Ниту една наша „Приказна од градот“ не може да помине без прашањето за кој дел од градот ги врзуваат најубавите спомени и приказни нашите соговорници, а еве што одговори Теа:

-Првенствено, се разбира, за моето маало во Аеродром, каде живеам од раѓање до денес и ми е голема љубов. Понатаму и за Градскиот парк, Дебар маало и „Маракана“ и дружбите таму како омилен дел од моите средношколски и факултетски денови.

На крајот од нашето другарување, поразговаравме и за тоа што подготвува во наредниот период.

-После „Не ми даваш сон“, со Лазе работиме на неколку песни, а најверојатно и следниот проект ќе биде соработка за која ептен ми е мило, бидејќи е со мои блиски и драги луѓе што многу ги почитувам и сакам - ни најави Теа, а ние очекуваме наскоро да видиме за каква нова соработка се работи.

 

фото: Fashionel.mk

Локација: КОТУР

Реализација: Fashionel.mk, септември 2021

Објавено:
5 октомври 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
629 пати