Мода, шминка и фризури на вториот ден на Саем на жена

28 октомври 2013

Четвртото издание на Саем на жена заврши вчера. Траеше три дена, за време на кои посетителите имаа можност да присуствуваат на разни презентации од областа на убавината, козметиката, уметноста...

Вториот ден од Саемот на жена помина во добра атмосфера и во знакот на разубавувањето на понежниот пол. Присутните, кои беа во нешто поголем број од отворањето, беа заинтересирани за најновите трендови за шминка, фризура и мода, презентирани на главната сцена.

Но, пред блокот за убавина и мода, студиото за танц „Прима Данца“ се погрижи за доброто расположение во салата. Младиот Илија Карадаковски со брзи ритми, позитивна енергија и насмевка на лицето, им ги покажа основните чекори на салса на присутните, кои очигледно беа расположени за танц.

-Прима Данца се присутни и оваа година на Саемот на жена. Од она што можам да го забележам,  посетеноста е нешто помала за разлика од другите години. Но, тие што се тука присутни се навистина заинтерсирани за она што изложувачите имаат да го понудат. Конкретно и кај нас, одѕивот е добар. На крајот на краиштата, не е толку важен бројот, колку заинтересираноста - ни изјави Илија.

После убавото и позитивно раздвижување од „Прима данца“, нашиот шминкер Владо Георгиев и Влада Вeргаш од “Вергаш фризерска академија“ од Белград настапија на големата сцена и прикажаа дел од трендовите кога се шминката и фризурата во прашање.

-Јас сум втор пат тука. Бев и минатата година и навистина ми беше убаво. Ќе прикажам неколку интересни фризури и шишања, нешто што е актуелно сега и што го работам и во странство. Ќе видите убави девојки од Скопје и Македонија, со трендовски фризури за оваа сезона - вели Вергаш.

А на прашањето кои се трендовите кога е косата во прашање, Влада вели дека граници нема.

-Се е тренд. Здрава коса, бојадисана, сјајна. Косата може да биде и куса и долга, руса, смеѓа, не е важно... важно е косата да биде во движење, да не е стегната, залепена, туку слободно да паѓа, независно од формата - потенцира фризерот.

На прашањето пак која е најголемата грешка што жените ја прават кога е косата во прашање, тој без размислување вели: „Тоа што не ја негуваат доволно“.

Кога е шминката пак во прашање, Владо Георгиев смета дека жените грешат во тоа што не се доволно храбри.

-Жените не експериментираат за да дојдат до некој резултат што го посакуваат. Секогаш нешто друго е виновно и не штима. На пример, ако еднаш ставиле зелена сенка и таа не им стои, никогаш повеќе нема да стават зелена. Ќе се разочараат и потоа не се отворени за нови можности, а тоа не е така - објаснува Георгиев.

Што се однесува до трендовите за шминка за оваа сезона, Влаго не ги следи слепо.

Трендовите за шминка не се менуваат толку бргу како оние за коса. Кај шминката нема големи промени, освен во нијансите. Меѓутоа јас не го следам трендот секогаш, бидејќи работам инстинктивно, а клиентите на крајот се задоволни, барем од моето досегашно искуство. Не ги следам строго трендовите, затоа што таа шминка  е шминкана на модели на кои се им стои. А истата таа да се стави на некоја просечна девојка нема да изгледа убаво - изјави шминкерот.

По презентациите на шминка и фризура, следеше блок модни ревии, кој исто така собра голем број публика. Така, заинтересираните присутни може да ги видат најновите модели од ателјето Брошленд на Ленче Тошевска, како и ателје „Алшар“ и креаторката Силвија Михајловска.

Со свои модели се претстави и Acid wear.

-Ќе бидат прикажани 12 модели. Овој пат не се одлучив за некој посебен концепт, едноставно сакав да видат луѓето каква облека нудиме, а сите оние што сакаат нешто креативно кога е street fashion во прашање, мислам дека ќе се пронајдат. Ова е воедно и прилика да ја промовираме и новата локација на бутикот - ни изјави Сандра од Acid wear.

Блокот модни ревии заврши со презентација на Сара Фешн.

Своите впечатоци ги сподели и директорот на белградскиот саем „Додир Париза“, во чија соработка беше организирано и нашето издание.

-Скопје е голем град и убав и заслужува една ваква манифестација. Се надевам дека од година во година ќе станува се поуспешна, ќе има поголем број на изложувачи и посетители. Концептот е фин и ветува успех- вели Коста Максимовиќ.

Од друга страна, саемот „Додир Париза“ е еден од најголемите во регионот. Концептот е поинаков, а изложувачите се главно козметичари, фризери, дерматолози, естетски хирурзи. Постои и конгрес, како и разни активности.

-Белградскиот саем го посетуваат 20.000 посетители, од кои 17.000 се инволвирани во индустријата за убавина. Сепак, поради повеќе параметри е тешко да се направи споредба помеѓу двата саема, сепак ми се допаѓа насоката во која се движи и ова што го видов овде во изминативе денови - изјави за Fashionel.mk гостинот од Србија.

Последниот ден покрај на трансформациите за убавина, беше посветен и на предавања и презентации што се однесуваат на здравјето на жената и најчестите проблеми со кои се соочува во 21.век.

Објавено:
28 октомври 2013
Категорија: 
Актуел