Беспрекорна дама: Џејн Фонда за стилот и вечната младост

21 декември 2021

Актерката Џејн Фонда денеска го прославува 84 роденден. Во Холивуд, но и модниот свет се смета за дама со беспрекорен стил и изглед.

Таа е една од ретките која не криеше дека стареењето не го прифатила лесно и дека токму поради тоа ги направила и естетските корекции.

Во продолжение се потсетуваме на некои од нејзините највпечатливи модни комбинации, но и изјави на тема стил и младост:

- Секогаш вреди да се инвестира во добриот крој, тоа е есенцијата.

-Среќна сум што изгледам добро за годините, но имав пластични операции... Од една страна, го мразам фактот дека сум имала потреба да правам физички корекции за да се чувствувам добро. Посакувам да не беше така... Посакувам да бев похрабра. Но, тоа сум што сум.

-Многу ми се допаѓаше лицето на Ванеса Редгрејв (која е една година постара од неа). Но, не можев да прифатам дека стареам. Се изморив од тоа да изгледам изморено дури и кога не сум. Не можам да се преправам дека не сум суетна и "празна", но завршив во пластичните операции. Не сакам повеќе да се сечам. Сепак, морам секој ден да работам на себеприфаќањето. Тоа не е лесна тема за мене.

-Објавувам фотографии на кои не изгледам совршено. Но, факт е дека ако признаев порано, ако ја кажев вистината дека не сум среќна, ќе беше универзална тема. Сите проблеми со кои јас се соочував, се блиски на многу жени. Сметав дека не сум доволно добра, дека морам да удоволувам, пред сè на татко ми, дека не сум убава доволно, не сум доволна слаба, ниту доволно паметна.

-Јас пораснав во 1950-тите години, а згора на сè, мајка ми се уби, така што постојано се идентификував со мажите, што подразбираше груб индивидуализам, па ми беше прилично тешко да го надминам тоа. Но, мораш да се покажеш кој си, да научиш дека емотивните болки и пречки што си ги собрал од младоста се нешто што не можете да го вратите. Имам психички лузни од кои никогаш нема да можам да се откажам. Но, учиш да се справуваш со нив. Учиш да ги бутнеш во ќош, да ги покриеш и да не им дозволиш да излезат.

 

-Да се биде млад сега е далеку потешко отколку во мое време.Младите денес се оптоварени со многу прашања, а секако дека климатските промени се едни од нив, бидејќи нè засегаат сите директно. Но, ништо добро не се случило или сменило без масовни движења. Потребно ни е масивно движење кое ќе се фокусира на климата.

-Мораме да ги преиспитаме своите ставови за стареењето. Старата парадигма гласеше: сте се родиле, максимумот го достигнувате во средното животно доба, а потоа се уназадувате. НЕ. Кога на стареењето гледате како чекор напред, со него добивате душа, мудрост, способност да бидете вистински интимни и животот да го живеете со цел. Оваа оптимистична перспектива всушност го почитува процесот на стареење.

-Интимноста значи и самооткривање. Кога во еден однос можеме да се впуштиме како целосна личност, тогаш доаѓа до интимност. Љубовта може да биде дури и подобра во третиот чин од животот.

-Кога сте постари, вежбите за тело треба да бидат нешто задолжително. Така ги одржувате коските силни, го подобрувате сонот, го минимализирате стареењето на мозокот кој неактивноста го предизвикува. Дури и редовното пешачење, истегнување и кревањето на лесни тежини, прави неверојатна разлика. Јас сум во осумдесетите и имам вештачки колк, вештачко колено, и не можам да го правам она што некогаш сум го правела. Кога ја увидов важноста постарите луѓе да останат активни, си помислив, има ли подобар од мене да им го покаже тоа?!

-Длабокиот сон е важен во текот на целиот животен век, но кога сме постари е уште поважен. Со оглед на тоа дека како старееме имаме тенденција да имаме полесен сон, вежбајте во текот на денот, пијте безкофеински напитоци после ручекот и јадете храна со природен трипофан, како што е млекото.

-Дознајте кои сте, за да можете да станете комплетна личност. Потребно е многу храброст за тоа, бидејќи целата култура нè советува дека треба да бидеме вакви или онакви. Обидете се да сте автентични, обидете се тоа да го откриете. И останете заинтересирани за работите околу вас. Тоа е многу поважно отколку да бидете интересни. На тој начин му помагате на мозокот да остане млад.

 

 

Објавено:
21 декември 2021
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
690 пати