Тв проектот „Лице и дела“ ја заокружува 2021 година: Прославивме 10 успешни години

24 декември 2021

Крајот на годината секогаш го користиме за да ги сумираме впечатоците и да ги издвоиме оние убави моменти кои ни даваат надеж и убава енергија која нѐ движи напред.

По тој повод разговаравме и со Симе Младеновски, продуцент на телевизискиот проект „Лицa и дела", емисија што годинава прослави 10 години јубилеј и е посветена пред сѐ на промоција на културните вредности и културната сцена во нашата земја.

„Чекор по чекор ние успеавме да станеме препознатливи. Оваа година во мај славевме 10 години јубилеј и многу сме задоволни од сите сработени емисии, многу гости, различни теми и секако тука би сакал да упатам благодарност до нашите гледачи, до тимот на емисијата и до г-от Џорџ кој се залага ТВ Сонце да прерасне во поголема телевизија. Секако, свој голем печат на емисијата дава Мери која годинава беше избара и за жена на годината за придонеси во културата, а тоа секако е успех и за нашиот телевизиски проект", подвелува во своето навраќање на годината, Младеновски.

Од сите моменти кои низ годините оставиле најголема трага за нивната емисија, тој издвојува неколку.

„Се сеќавам на моментот кога снимавме со сега покојната наша голема ѕвезда Вања Лазарова, кога запеа во емисија заедно со Мери и ѝ упати голема поддршка и комплименти. Таков гест од така голема ѕвезда има голема вредност. Исто моментот кога беше гостин професорот Људмил кога кажуваше како неуморно се работи на 70 години и креира и се бори за македонскиот јазик. Тоа се навистина значајни моменти кои упатуваат суштински пораки", вели нашиот соговорник.

Како дополнително признание и поддршка за тоа што го работат низ годините, тој ни ги посочи и наградите од град Скопје, како и наградите од областа на културата што ги доделува и дијаспората.

„Многу значајно ни е што ете направивме соработки со Македонците од светот и токму од нив добивме и награди златни плакети посебни сувенири со посвета за Лица и дела од: Сиднеј, Мелбурн, Јужен Велс, Сиетл, Германија, Италија, насекаде низ светот и тоа навистина нѐ радува".

За тоа што допрва ги очекува во претстојната година и каква е нивната визија за „Лица и дела", Младеновски вели:

„Визијата за престојната година се однесува на активно креирање нови емисии, новитети, сценски измени, усовршување на концептот и секако одлична едукација на гледачите, како и ексклузива од „Лица и дела" и тв Сонце. Веќе е во тек новата сезона која е со нова сценографија, гости кои се многу значајни, но не излегувале и не се појавувале на малите екрани, па се надевам дека гледачите ќе бидат задоволни од нашата содржина".

Им посакуваме среќни празници и успешна 2022.

 

Објавено:
24 декември 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
156 пати