Василичарски концерт: Наде Талевска во ЕЛЕНА ЛУКА блесна на сцената на МОБ

13 јануари 2022

Вчеравечер беше вистинско уживање да се присуствува на традиционалниот Василичарски концерт во Националната опера и балет, годинава насловен „VIVA L'OPERA!"

За разлика од претходните години кога концертот беше посветен на најголемите забавни и рок хитови, годинава во фокусот беа оперските арии.

Програмата беше отворена со „Кармина Бурана: O, Fortuna" од Карл Орф, во изведба на хорот на Националната опера и балет, а потоа следуваа настапите на нашите оперски уметници и оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.

На концертот настапија нашите познати оперски солисти: Сандра Митровска (сопран), Наде Талевска (сопран), Билјана Јосифов(сопран), Злата Тошевска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Марјан Јованоски (баритон) и Александар Стефаноски (бас).

Во склоп на програмата беа изведени арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од композиторите: Моцарт, Белини, Делиб, Пучини, Верди, Џордано, Леонкавало, Калман, Лехар.

Според модниот протокол пак, нашите оперски певици на сцена настапија во елегантни, макси тоалети, додека пак оперските пејачи одбраа класични црни одела, почитувајќи го дрес-кодот кој важи за манифестација од ваков калибар.

Нашиот познат сопран, Наде Талевска блесна на сцената во екстравагантна тоалета, дизајн на нашиот етаблиран моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА со кој оперската певица долго време соработува. Во елегантен крој, акцентиран со шлиц во предниот дел, со смело деколте и уникатен дезен, во оваа луксузна тоалета од ЕЛЕНА ЛУКА, Наде остави силен впечаток на сцената и од музички и од моден аспект.

„Василичарскиот концерт секогаш предизвикува голем интерес кај публиката. Со тоа што добиваме полни сали и публика со позитивна енергија, имаме многу голема мотивација да го дадеме нашиот максимум. Навистина беше прекрасен концертот. Воодушевена сум од позитивната реакција на публиката, затоа што најголемата награда за еден уметник е да допре токму до својата публика", изјави Наде за Fashionel.

Не го крие задоволството од соработката со ЕЛЕНА ЛУКА, моден бренд кој се грижи Наде да изгледа фантастично на сцена.

„Не можете поинаку да изгледате во креација на ЕЛЕНА ЛУКА, освен преубаво. Имаме толку едноставна и убава соработка. Пред сè Елена е прекрасен човек и тоа многу ја олеснува целата комуникација. Презадоволна сум што имам една голема модна куќа, големо модно име кое се грижи за мојот изглед и што апсолутно нема никаков промашок. Многу е значајно што самата креација што ја носам ми дава уште поголема самодоверба на сцена, за да можам да се фокусирам на тоа што е моја примарна обврска – пеењето. Не можам да најдам доволно зборови за да ѝ се заблагодарам на ЕЛЕНА ЛУКА за сето она што фантастично го прават", вели Наде во нашиот разговор.

Вечерва, со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе се одржи и вториот Василичарски концерт на кој ќе биде изведена истата програма.

 

Објавено:
13 јануари 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.160 пати