Улици во Скопје ќе бидат именувани по Аки Рахимовски и Александар Џамбазов

28 јануари 2022

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска преку социјалните мрежи ги извести граѓаните дека улица во Скопје ќе биде именувана по маестро Александар Џамбазов, легендарниот композитор и диригент и втемелувач на македонската детска и популарна музика кој почина на 25 јануари на 85 години, како и дека една од улиците во централното градско подрачје ќе биде именувана по Аки Рахимовски, кој почина ден претходно.

После комеморацијата за маестро Џамбазов која се одржа во Македонска опера и балет, таа најави дека ќе иницира со одлука улица во Град Скопје да го носи неговото име како заслужен граѓанин и истакната личност .

„Денеска го испраќаме во вечното почивалиште со неизмерна почит, маестро Александар Џамбазов, основоположник на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите детски музички фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славејче". Човек кој четири децении создаваше непроценливо творештво за македонската музика.

Комеморацијата се одржа во МОБ, а како заслужен граѓанин и истакната личност во чест на маестро Александар Џамбазов иницираме со одлука улица во Град Скопје, да го носи неговото име. Нека почива во мир!, стои во фејсбук објавата на Арсовска.

 

Истата иницијатива ја соопшто и вчера, за неодамна починатиот музичар Аки Рахимовски

„Аки Рахимовски, легендарниот пејач на „Парни ваљак", попладнево беше погребан во алејата на великаните на гробиштата „Мирогој" во Загреб. Ковчегот беше прекриен со македонското знаме.
Како Градоначалник на Град Скопје, денес иницирав со одлука на Град Скопје една улица во централното градско подрачје да го носи името на Александар Аки Рахимовски. На последната средба со Аки во резиденцијата на Претседателот на Хрватска минатата година, гордо не поздрави со македонските песни кои нему лично му беа најдраги“, стои во рамки на споделеното видео.

 

Објавено:
28 јануари 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
366 пати