Посакуваме да живееме во светот на Валентино – таму сѐ е розово!

8 март 2022

Во недела Валентино ја презентираше својата колекција за есен-зима 2022 во рамките на Модната недела во Париз. И наспроти ситуацијата во која се наоѓа светот еден подолг период обоен во сивило, Пјерпаоло Пичоли покажа како би изгледал во розово – ама буквално сѐ од оваа линија е обоено во силна, магента боја!

Од целосно розова сценографија до секој изглед на писта, од глава до пети – розовата е главната референца која ја поврзува и по која сигурно оваа колекција ќе остане запаметена.

Интересен пресврт се случува некаде во средината на модната писта, кога една по друга се појавуваат неколку монохроматски црни комбинации, за потоа повторно да продолжи розовото расположение.

Идејата дизјанерот ја објаснува со потребата да стави акцент на деталите и слоевитоста, како и структурите и силуетата, да ја натера публиката да ги анализира сегментите.

И навистина има што да се види. Од тридимензионални цветови и волуменозни структури, до комбинации со фантастично богата тантела и едноставни, минималистички кроеви кај кои луксузните, деликатни материјали ја носат целата тежина.

Светот на Валентино низ розови очила...

Објавено:
8 март 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
551 пати
Тагови: 
Валентино