Црно, ама не и досадно – грациозна колекција на Валентино!

2 март 2020

Ако некогаш сте се посомневале во атрактивноста на црната боја, особено кога се носи од глава до пети, тогаш погледнете ја новата колекција на Валентино прикажана на Модната недела во Париз, па размислете повторно.

Колекција во која доминира црната, ама во ниту еден момент досадна!

Напротив, Пјерпаоло Пичоли дизајнираше линија во која црната боја се наметнува со сиот свој раскош, грациозност и моќ, разубедувајќи ги скептиците кои се на мисла „црната е монотона".

Далеку од монотоност, оваа колекција понуди богата слоевитост, расказ, приказна во која е отворено поглавјето за различностите и нивното прифаќање.

Па повторно на писта прошетаа трансродови и покрупни модели, надминувајќи ги базичните стандарди на модниот свет.

Под униформираноста силно е прикажана различноста и индивидуалноста, што во суштина е и главниот акцент на Пичоли.

Во својата есенција, моделите се женствени и дамски, а модните додатоци, чевлите односно чизмите груби, креирајќи целина во која е споена спротивноста.

Интерпретацијата на црната според замислата на Валентино е се', само не досадна.

Фото: Vogue

 

Објавено:
2 март 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
2.147 пати