Комерцијален и ексцентричен дизајнерски пристап на претпоследниот ден на FWSK

30 октомври 2013

Ако изминатите денови на Модниот Викенд  Скопје гледавме колекции инспирирани од Индија, Русија, Бразил,  улична мода, светските трендови, па дури и од  литературниот македонски деец Крсте Петков Мисирков, на претпоследната вечер од осмата сезона, погледнавме две колекции поделени во два сегменти, моден перформанс и инсталација со наслов „Премиера“. Дизајнерката Александра Митковска  прикажа две колекции  есен-зима и пролет-лето и пред публиката од својот дизајнерски сензибилитет  долови  како комерцијалност, така и ексцентричност со блага доза на еротика, преку  необичниот костимографски пристап за колекцијата пролет-лето. Музејот на град Скопје беше локацијата каде на самиот влез на црвен килим публиката ги пречека „гостите“ односно манекенките кои од автомобили една по една излегуваа облечени во моделите од колекцијата есен-зима 2014, насловена „Кластер“.

 

Истата содржеше капути, сакоа, фустани, панталони и здолништа низ кои преовладуваа бисерно белата боја, црната, црвената, додека од материјалите, волната, памукот, вискозата и кожата. Преку комерцијалните и носливи парчиња за есен-зима, Митковска ја покажа смирената дизајнерска страна, за потоа манекенките од црвениот килим да влезат и ги придружат останатите манекенките качени во витрини  што ги носеа ексцентричните костими инспирирани од уметноста, со многу геометриски форми и боја.

По завршувањето на официјалното претставување на колекциите, дизајнерката ни откри  детали околу замислата и реализацијата на необичната идеја и важноста на индивидуалистичкиот дизајнерски пристап.

-Подолго време размислував за идејата, а тоа што го замислив најмногу одговараше на овој простор и буквално како сложувалка секојдневно работев за идејата да премине во ваква реализација. Можеби некои нема да ја сфатат замислата, но јас верувам дека коцките успеав да ги спијам одлично. Колекцијата пролет-лето патува од тука во Белград кај еден од најдобрите европски режисери и веројатно ќе остане таму, изложена на истиот начин како и тука во Скопје, вели Митковска која за прв пат во својата кариера почнува и со работа во сериско производство.

- Вложувам голема инвестиција за колекцијата есен-зима која ќе се прави во сериско производство, многу ќе се работи, а зад тоа стои цел еден тим. Колекцијата не е наменета само за македонскиот пазар, туку и ќе се извезува а тоа е и главниот момент зошто се насочив и кон сериското производство, изјавува Александра.

Иако е веќе афирмирана и позната пред македонската модна публика, а своите колекции ги претставува и надвор, таа вели дека еден дизајнер мора да го има во континуитет а финансиите и не се некој голем изговор за отстапки од промоција.

-Се претставувам на моден викенд зашто сметам дека еден дизајнер кој професионално си ја сфатил работата треба да го има во континуитет и два пати годишно да промовира колекција. Финансиите не се голем изговор, зашто денес може да промовирате и капсулна или мини колекција  и да останете активни во промоцијата, вели Митковска.

Необичниот концепт пак, малку ја збуни публиката пред Музејот на град Скопје, многумина од нив бараа столчиња за да седнат, навикнати на класичниот начин на  претставување, гледаа што побрзо да заминат, па дури и не беа расположени за изјава. Не ги забележавме и јавните личности што соработуваат со дизајнерката, додека пар од присутните дизајнерите  што ги анкетиравме, изјавија дека овој концепт и не мора да им се допадне на сите.

- Морам да и честитам на Александра за иновативноста во идејата, што мислам дека и како е потребно на нашата македонска модна сцена и колку почесто се случуваат толку подобро. Ми се допаѓа спојот на неспоивото, што не мора на сите да им се допадне и според мене баш ја опишува Митковска како дизајнер, рече дизајнерката Јована Филиповиќ.

И дизајнерот Роберт Ивановски како со присуството така и со пофални зборови ги опиша импресиите за колекциите на својата колешка.

-Концептуална, софистицирана и модерна колекција со одличен крој и избор на материјали. Уникатна презентација и фантастичен авангарден перформанс, навистина многу ми се допаѓа, изјави Ивановски.

Меѓу манекенките не можевме да не ја забележиме и нашата славна манекенка со интернационална кариера Елена Трајановска која прва зачекори по црвениот килим и ја отвори ревијата. Овој период таа е во Скопје, а во јануари заминува за Париз потоа Њујорк, додека во меѓувреме останува во родниот град  поради задолжителните обврски кон образованието.

-Непланирано излезе јас да учествувам на ревијата на Александра, барав карти за во публика и таа ме праша дали сакам да учествувам на ревијата, а бидејќи ми е омилен македонски дизајнер ја прифатив понудата. Креацијата што ја носам падна на мој избор, не сум тип што сака да носи фустани и кратки здолништа, затоа избрав да бидам во сако и панталони и прекрасно се чувствувам во креацијата, ни раскажа Елена.

Низ публиката освен оние што не баш ја разбраа идејата на дизајнерката, имаше и такви што беа фасцинирани од уникатноста на инсталацијата која за нив беше на светско ниво.

-Јас сум изненадена од радикалноста во презентираните две колекции и искрено сум фасцинирана од инспирацијата на дизајнерката. Долги години не живеев во Македонија и ова е навистина супер освежување што потсетува на она светското, вели Катица Богевска.

- Ми се допадна пред се урбаноста на есен-зима колекцијата но и благата еротска нота од вториот дел на оваа инсталација. Ми се допаднаа сакоата и капутите зашто беа несекојдневни, со доза на елеганција и индивидуалност, вели друга посетителка.

Вечерва на истата локација ќе се претстави и последната колекција од осмата сезона на Моден Викенд. Дизајнерката Росица Мршиќ ќе го обележи крајот со својата дизајнерка идеја од колекцијата есен-зима. Мала напомена од нас е дека доколку не сте на листата на поканети за присуство, поради малиот простор во музејот нема да ви биде овозможено да влезете.

 

Објавено:
30 октомври 2013
Категорија: 
Актуел