Оскари 2022: „Кода“ прогласен за најдобар филм, „Дина“ со најмногу статуетки, скандал, политика и јубилеи

28 март 2022

Вчеравечер по 94-ти пат се случи најблескавата филмска вечер, доделувањето на наградите на Академијата за филмски уметности и науки, Оскари, во театарот „Долби" во Холивуд.

Скандал и добитници

Во сенка на скандалот со Вил Смит, кој изреагира бурно и му удри шлаканица на сцена на актерот Крис Рок, откако се пошегува со изгледот на жена му, сепак ова беше највозбудливата филмска ноќ во која главен победник беше филмот „Кода" прогласен за Најдобар филм, а во кој дел од актерската екипа се лица со оштетен слух. Трој Коцур, еден од актерите со оштетен слух во филмот, го освои признанието за Најдобра споредна машка улога со што стана втора личност со оштетен слух што добила Оскар во историјата на манифестацијата.

„Дина" научнофантастичното остварување, освои најголем број Оскари, вкупно шест од десет номинации, меѓу кои и за визуелни и звучни ефекти и монтажа.

„Моќта на кучето", иако беше филм со најмногу номинации, дури 12, доби еден Оскар за најдобар режисер, признение што отиде во рацете на Џејн Кемпион.

Фантастичните трансформации во „Очите на Теми Феј" и како таа се носи со нив, ѝ го донесоа првиот Оскар на Џесика Честејн за Најдобра главна женска улога. Вил Смит пак, го понесе Оскарот за Најдобра главна машка улога за портретирањето на таткото на тенисерските ѕвезди, Серена и Венус Вилијамс, „Кралот Ричард", а својот оскаровски говор проследен со емоции и солзи, го искористи и за да се извини за скандалот.

За надобра филмска песна е прогласена „No time to die" во изведба на Били Ајлиш за истоименото продолжение на „Џејмс Бонд 007: Не е време за умирање".

Комплетната листа на добитници може да ја погледнете на овој линк.

Највпечатливи моменти

Оскаровската вечер ја отвори Бијонсе со фантастичен настап на тениски терен, посветен на сестрите Вилијамс и филмот „Кралот Ричард".

Во рамки на манифестацијата со едноминутен молк се оддаде почит на жртвите во актуелната војна во Украина.

Годинава се одбележаа и два значајни јубилеи за филмскиот свет, 60 години од првиот Бонд филм и 50 години од снимањето на филмот „Кум", што заедно на сцена ги реобедини и актерските легенди Ал Пачино и Роберт Де Ниро заедно со режисерот Френсис Форд Копола.

Оскаровската вечер со своето присуство ја збогатија и Ентони Хопкинс, Хали Бери, Кевин Костнер, Џон Траволта, Џејсон Момоа, Џејми Ли Кертис, Лејди Гага, Џејк Џиленхол, Шон Мендез и многу други холивудски ѕвезди.

Женската тројка: Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс првпат беа водителки на Оскаровската церемонија.

Ден потоа, покрај скандалот, црвениот килим и добитниците на Оскар, вирално се споделуваат и различни „мемиња" од реакциите во публиката по инцидентот со Вил Смит.

 

Објавено:
28 март 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.435 пати
Тагови: 
Оскари филм