Откако деновиве 16 годишната пливачка Лана Пудар стана шампион на Европа и го постигна еден од најголемите резултати во историјата на босанскиот спорт, нејзината импресивна приказна која ги опфаќа и тешките рани почетоци на нејзината кариера, особено го освои медиумското внимание и предизвика вистинско воодушевување кај јавноста.
Светот е бескраен извор на инспиративни животни приказни и примери за истрајност, мотивација и љубов, а Лана Пудар, со своето потекло од спортско семејство од Мостар - град кој нема олимписки базен, дефинитивно припаѓа во оваа категорија.
За разлика од своите ривали во пливачкиот спорт од нејзина генерација кои редовно тренираат во оптимални услови од петгодишна возраст со врвни тренери, нутриционисти, психолози, Лана Пудар - членка на Клубот за водени спортови Орка од Мостар, за време на своите почетоци воопшто немала соодветни услови за тренирање.
Но, без разлика на тоа што единствен услов за малата Лана да почне на да работи на своите пливачки способности бил да се запише во градската бања, таа уште од самиот почеток, покажувала силна воља за напредок, а на 13 и пол години таа веќе имаше освоено осум златни медали домашното првенство.
Фотографијата која особено ја трогна јавноста прикажува како младата пливачка за време на короната тренира во импровизиран пластичен базен поставен во домашната стаклена градина лоцирана пред куќата на нејзиното семејство.
Иако многу млада, Лана зад себе веѓе има богата и успешна кариера. Во 2021, на Србија опен се закити со златниот медал на трката на 100 метри делфин, а на јулското Европско првенство во големи базени за јуниори во Рим и освои сребро на 200 метри пеперутка и стана европска јуниорска шампионка во трката на 100 метри делфин.
На Олимписките игри во Токио, како една од најмладите учесници ја зазеде 19-тата позиција на 100 метри пеперутка, а на на Светското првенство во мали базени се закити со бронза на трката на 200 метри.
Во јуни годинава, Лана настапи на Светското првенство за сениори во Будимпешта и го освои шестото место на 200 метри и осмото на 100 метри, а само месец подоцна таа два златни медали за БиХ од Медитеранските игри. По среброто освено во Букурешт во јули, дојде и бронзениот медал освоен на Европското првенство во август.
Приказната на Лана е јасен доказ дека вистинската љубов и страст кон спортот, како и безусловната поддршка од родителите и најблиските, се најсилниот мотиватор низ трнливиот пат кон успехот. А успехот за Лана дојде на 17 август годинава во форма на европско злато во дисциплината 200 метри делфин, со што таа е и официјално европски првак кој воодушевува со својата приказна и својот неоспорен талент.