Оние кои ја следеа ревијата на Висока мода на Валентино за 2022 година што се одржа на 8 јули на Шпанските скали во Рим, сигурно ја забележаа грациозната Елизабета Деси која зачекори по модната писта со природно седа коса, гордо носејќи ги на себе своите 67 години.
Преку оваа ревија, дизајнерот Пјерпароло Пичоли, креативен директор на Валентино, имаше за цел да ја презентира еден „нов почеток" во сферата на модата, прикажувајќи поинаква перцепција за убавината, обидувајќи се да ги сруши досегашните ограничувачки критериуми за убавина. За таа цел, тој вклучи модели од секоја возраст, пол, висина, тежина, родова и сексуална ориентација, а меѓу сите нив се најде и Plus Age моделот Деси.
Родена во Рим во 1957 година, Деси е првото од четирите деца на грофицата Амалија Аква, италијанска аристократка, и нејзиниот сопруг Џорџо Деси, капетан на воздухопловните сили.
Како поранешна пливачка, Елизабета Деси била член на националниот пливачки тим од 1971 до 1976 година и настапила на натпреварот за 100 метри градно и 100 метри слободно пливање на Европското првенство во водени спортови во 1974 година. Како член на штафетниот тим на 4 × 100 метри слободно пливање, Деси го освоила златниот медал на Медитеранските игри во 1975 година во Алжир, а како капитен на италијанскиот пливачки тим, таа учествувала во мешаната штафета 4 × 100 метри за време на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година, поставувајќи го новиот италијански рекорд за време на полуфиналето.
Но, и покрај бројните успеси во пливањето, по Летните олимписки игри во 1976 година, Деси се одлучила за промена во својата кариера и започнала да се занимава со манекенство, што ѝ овозможило да зачекори на миланските, париските и њујоркшките модни писти како модел за Валентино, Гучи, Џани Версаче, Армани, Фенди, Емилио Пучи, Салваторе Ферагамо, Роберто Капучи, Ајрене Галицин, Мисони и Бриони.
Во тоа време, инклузивноста била далеку помалку присутна во модата споредбено со денес, но нештата полека но сигурно се движат во поинаква (и подобра) насока благодарение на големите дизајнерски имиња како Пичиоли кои ѝ даваат шанса на вистинската убавина да блесне без разлика на нејзината возраст, етничка припадност, боја, височина, тежина или пол.
Елизабета Деси е еден совршен пример за тоа дека автентичната убавина постои и вон досега наметнатите социјални норми, филтри и мобилни апликации кои бришат години и „недостатоци" од човечките лица и килограми од телата. Преку Деси, Пичоли сака да ѝм помогне на новите генерации да го прифатат и слават природниот тек на животот и стареењето. Деси, беше намерно избрана од Пичоли да чекори на модната писта на неговото последно модно шоу, како јасен пример за убавина кој дава попрогресивна естетска реинтерпретација отколку што сме свесни.