Необичната приказна за Џорџо Армани

17 јануари 2023

Mојата визија беше јасна: Верував дека треба да се ослободиме од вештачкото во облеката. Верував во неутрални бои.

На 11 јули 1934 година, во италијанскиот град Пјаченца, се роди момче чија што судбина ни оддалеку не можеше да се предвиди. Светот доби уште еден моден гениј - Џорџо Армани.

За кратко семејството од Пјаченца се сели во Милано, каде што Армани три години ќе изучува медицина. Следејќи го задолжителното служење на војска, го напушта факултетот и се приклучува во армијата.

Но, никој не претпоставуваше дека на едно такво место ќе исплива талентот и ќе се роди желбата за кариера во модната индустрија.

И така започна сè. Џорџо доби работа како менаџер на машкиот оддел во стоковната куќа La Rinascente. Токму тука го научи маркетиншкиот занает, што ќе му биде од рака кога ќе ја стартува својата империја.

Седум години подоцна започнува да креира машка облека за Нино Черути, сопственик на фабриката за производство на облека Hitman.

Кога Черути го забележал талентот на Армани му дал за должност да го реконструира пристапот кон производството.

Модниот дизајнер во најава, по шест години се одлучува да отвори сопствен бизнис, по предлог на неговиот пријател Сергио Галеоти.

Во 1973 ја стартува својата "модна канцеларија" како самостоен дизајнер и две години ќе соработува со различни имиња од модата.

Останатото е историја.

Како што одминуваа годините, модната империја на италијанскиот дизајнер се ширеше сè повеќе. Така во 1989 Армани го отвори и својот прв ресторан.

Успешната приказна за Џорџо продолжи да се испишува, па така до крајот на 90-тите брендот поседуваше повеќе од 2000 продавници ширум светот.

Неговата компанија продолжи да го збогатува својот асортиман на производи со покуќнина и издаваштво. Линијата на козметика на Армани беше креирана во 2000 година, а во 2005 првата колекција на висока мода.

Последните проекти на дизајнерот вклучуваат ресторани и хотели. Во 2010 беше отворен првиот хотел во Дубаи со потписот на Армани.

Од работното портофолио на Армани

Giorgio Armani
Машка и женска облека за широка потрошувачка, модни додатоци, очила, козметика и парфеми.

Emporio Armani
Висока мода, облека за широка потрошувачка и модни додатоци.

Armani Collezioni
Елегантна линија на облека наменета за повозрасни луѓе, професионалци.

Armani Jeans
Облека во чија основа е тексасот како материјал. Колекцијата е со малку поживи бои, нетипично за Армани.

Armani Exchange
Познат по своите провокативни кампањи при рекламирање на модните производи.

Armani/Casa
Стилизирана колекција на софистициран мебел, лампи, постелнина и прибор за јадење.

Armani Cosmetics
Колекција на производи за убавина: шминка, парфеми, тоалетни води за мажи и производи за него на кожа. Произведени и дистрибуирани од компанијата L'Oreal која соработува со модната империја Армани.

Нешто што не сте знаеле:

Џорџо Армани никогаш не запалил цигара.

Тој е посветен на вегетаријанската исхрана.

Секое утро, без исклучок, во 7 часот вежба во својата приватна сала за вежбање.

Доколку би можел да направи се одново, Армани не би бил моден дизајнер, туку филмски режисер.

Во младоста кратко време се занимавал со боди билдинг.

Неговата модна империја, која има годишни приходи од неколку милијарди долари, е целосно на негово име и тој располага со сите средства како единствен сопственик.

Неколку членови од неговата фамилија работат за него, неговата сестра Росана и двете негови внуки Силвана и Роберта.

 Фото: Pinterest

Објавено:
17 јануари 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
191 пати