Највлијателните семејства во модната индустрија, најчесто не позираат на насловните страни. Нив најчесто и не ги вбројуваат меѓу „инфлуенсерите" на денешницата. Тие менаџираат „зад завесата", создавајќи бизниси од милијарди долари и градејќи империи со генерации.
Наивно е ако сме на мисла дека модните блогери ги поставуваат стандардите во современиот моден свет. Зад нив стои цела машинерија која нашла проверен метод како да ја користи нивната популарност и да креира win-win ситуација, во која промотерите добро ќе ги наплатат своите содржини на социјалните медиуми, а луксузните модни куќи ќе ги мултиплицираат своите милијарди.
Во современата модна историја, неколку познати семејства се повторуваат на листите на најмоќните и најзначајните во поставувањето на „правилата на игра" во модната индустрија.
Сигурно нема да се изненадите кои се меѓу нив, но добро е да се запознаеме со некои интересни факти од нивното семејно портфолио.
Версаче
Џани Версаче во 1978 година ја лансираше модната куќа Версаче, која брзо стана препознатлива (истовремено и омилена на елитата) по своите колоритни принтови и сексапилни кроеви. По неговото убиство во 1997 година, иднината на модниот бренд беше доведена во прашање. Но, неговата сестра Донатела во клучен момент се покажа како одличен менаџер и продолжи да го води бизнисот кон врвот. И сега компанијата е во целосна семејна сопственост: Донатела поседува 20% од акциите, постариот брат Санто Версаче има 30%, додека ќерката на Донатела, Алегра откако наполни 18 години го презеде најфолемиот процент од акциите проценет на вредност од 800 милиони долари.
Армани
Џорџо Армани е најбогатиот моден дизајнер во светот, чија вредност се проценува на 6,1 милијарда долари. Со толку успешен бизнис доаѓаат и голем број одговорности кои Армани им ги распредели на членовите на неговото семејство. Лансирајќи ја својата етикета во 1975 година, тој создаде империја на мода, производи за домот, хотели, ресторани и недвижнини, при чие менаџирање му помага неговото семејство. Неговата сестра Росана работи во Армани како и две негови внуки, Силвана и Роберта, кои се негови наследнички. Бидејќи Армани е единствен сопственик на неговата компанија, претпоставките се дека брендот ќе остане во семејството со генерации и ќе создаде потенцијално едно од најмоќните наследства во модата.
Прада
Историјата на Прада, сега веќе светски познатиот моден бренд, започнува како продавница за кожени производи во Милано. Во 1913 година ја основале браќата Марио (дедото на Миуча Прада) и Мартино Прада. Заедно ја воделе компанијата 45 години, до смртта на марио во 1958 година. По неговата смрт, водството во Прада го презема, неговата ќерка Луиза, а во 1977 година, во семејниот бизнис се вклучува вниката Миуча, која ќе се обиде да го оживее духот на брендот. Нејзината прва колекција чанти во 80-те не го остварила очекуваниот успех, но во 90-те работите драстично ќе се променат и таа ќе успее да го привлече вниманието на светската јавност, градејќи конгломерат со вредност од повеќе милијарди долари.
Ферагамо
Салваторе Ферагамо почнал да изработува обувки на деветгодишна возраст, градејќи го својот бренд чекор по чекор и со текот на годините водејќи го кон глобален успех. По неговата смрт во 1960 година, неговата сопруга Ванда го презела бизнисот и продолжила да ја шири империјата со помош на нивните шест деца. Првично сите шест работеле за компанијата во одредено својство како директори или претседатели, но сега само двајца останаа со директна функција во компанијата: Феручио е претседател, а Масимо е претседател на Ферагамо САД. Неколку внуци сега веќе се вработени во компанијата, почнувајќи да работат од најнискиот и основен сектор и да го учат бизнисот во секоја фаза од неговиот развој.
Фенди
Во 1925 година Адел Казагранде го лансира италијанскиот бренд Фенди, кој сега, речиси едно столетие подоцна, е моќна модна империја која поминала низ менаџирањето на четири генерации моќни жени. Брендот познат по своите кожени и крзнени производи бил популарен во родната Италија, но не успеал да се наметне на светскиот пазар се до преземањето од страна на петте ќерки на Казагранде: Паола, Франка, Карла, Ана и Алда, инаку познати како сестрите Фенди. Тие се залагаle за помодерен изглед на текстилот дизајниран под нивниот бренд, со препознатливото лого со двојно F.
Во 1999 години, сестрите продале 90% од акциите на луксузната модна групација LVMH.