Погледнете ја романтичната новогодишна кампања на Бурбери

Престижниот британски моден бренд Бурбери го претстави романтичното видео за својата божиќна кампања, едноставно насловена како „Burberry with Love“, со која брендот го слави почетокот на сезоната на подарување и славење.

Ова беше исклучително романтична година за британскиот реномиран бренд, ако говориме за прекрасната кампања „Burberry Kisses“ во која главни актери беа Сиена Милер и Том Стуриџ.

И самиот крај на годината брендот реши да го посвети на оние моменти кога купуваме подароци за нашите драги личности и се радуваме на можноста да ги израдуваме сите во нашата околина по повод празниците.

Во видеото е прикажана една двојка облечена во парчиња од Бурбери како носат ќеси полни со подароци, додека во позадина тече песната „Hold“ од Том Одел, инаку омилен музичар на брендот.

Комплетната новогодишна кампања на брендот како и секоја година ќе ја следи и неверојатен маркетинг. На 25 дена пред Божиќ, ќе започне одбројување на Инстаграм, па потоа на Фејсбук, а ќе има и специјален настан што ќе биде одржан во главните продавници на Бурбери во Лондон.

Објавено:
10 ноември 2013