Како ќе изгледа новата ера на Том Форд без Том Форд...

25 јули 2023

Том Форд во ноември 2022 година, го продаде својот бренд на компанијата Есте Лаудер за 2,8 милијарди долари, а во април годинава ја презентираше и својата последна колекција како креативен директор.
Со овој потег легендарниот американски дизајнер започна нова ера за модниот бренд Том Форд, каде на главната позиција како креативен визионер останува до крајот на годината, а потоа го наследува Питер Хокингс, кој досега беше главен дизајнер на машката линија.

Заедно со овие промени доаѓа и информацијата дека брендот своите колекции отсега ќе ги промовира во Милано, наместо во Њујорк каде традиционално Том Форд ги затвораше модните недели и своевремено беше заштитен симбол на NYFW.

Преселбата во Милано во суштина е враќање кон корените на брендот, ако се земе предвид дека Том Форд својата светска слава ја стекна како креативен директор на Гучи во 90-те години на минатиот век. Токму во Милано, новиот креативен директор Хокингс ќе ја промовира и својата прва колекција на оваа позиција во рамки на тамошната модна недела.

Кој е Том Форд во историјата на светската модна сцена?

Роден во Остин, Тексас, Том Форд уште како млад се сели во Њујорк и каде успеал да се запише на престижниот универзитет Парсонс, каде не студирал моден дизајн, туку архитектура и дизајн на ентериер. Но, уште од првиот ден се занимавал со мода. Работел за познати модни куќи како Perry Ellis и Cathy Hardwick, а потоа и за Гучи каде четири години работел во дизајнерскиот тим. Во тој период во Гучи се случувал вистински хаос и семејна драма, но се се сменило откако брендот го купил инвестициската компанија Investcrop која на чело го носи правникот Доменик Де Соле кој успеал брендот да го донесе на врвот во тоа време.

И токму Де Соле е заслужен за откривањето на идната голема дизајнерска ѕвезда Том Форд, кој бил назначен за нов креативен директор.

Де Соле го водел бизнисот, а Том Форд бил одговорен за дизајнот, тандем кој успеал модната куќа повторно да ја направи профитабилна со раст на продажбата од дури 90% за година дена.
Форд во текот на неговата кариера во Гучи ја променил модната историја. Ги осмислил дел од најпопуларните дизајни на брендот и целосно ги поместил границите во однос на она што јавноста го сметала за кнтроверзно.

Во 1995 година ги ангажирал француската модна уредничка Карин Ројтфилд и фотографот Марио Тестино, со цел да креираат стратегија за новиот имиџ на Гучи со водечка карактеристика: сексапил.

Сопствен моден бренд и филмска режија

По заминувањето од Гучи во 2003 година, Том Форд ја основа сопствената модна империја. Брендот во првите години креирал машка линија, модни додатоци, очила за сонце и козметички производи, додека Форд паралелно бил креативен директор во Сен Лоран, позиција на која дошол по напуштањето на главната позиција во Гучи.

Со женска колекција дебитирал дури во 2010 година. Бил успешен, но никогаш толку револуционерен како во времето кога креирал за Гучи и Сен Лоран.

Почнал да се интересира за филмска режија. Првиот филм што го потпишал како режисер е „A Sinle Man" (2009 год.), каде главната улога ја толкува Колин Фирт за која добива и номинација за Оскар. Прилично упех постигнува и неговиот филм „Nocturnal Animals" од 2016 година, па многумина сметаат дека својата кариера ќе ја продолжи токму во оваа насока.

Том Форд беше и претседател на Советот на модни дизајнери на Америка во период од 2019 до 2022 година, а во текот на неговата кариера освои бројни признанија и награди. Џеј Зи по него именуваше песна, креираше одела за Џејмс Бонд во четири филма, ги облече дел од највлијателните дами на денешницата како Мишел Обама, Бијонсе, Зендаја, Мадона...

Креираше исклучителна козметичка линија, во рамки на која посебно се истакнува колекцијата од 107 парфеми меѓу кои и најпознатиот Black Orchid.

 

Како ќе изгледа новата ера на Том Форд без Том Форд, останува да покаже времето.

 

 

Објавено:
25 јули 2023
Категорија: 
Стории
Прочитано:
300 пати
Тагови: 
Том Форд