Париската модна куќа Chanel е со децении наназад препознатлива по материјалот твид. Блејзерот што Коко Шанел го дизајнираше од овој материјал е едно од најлегендарните модни парчиња во историјата.
Она што е интересно е што токму твидот послужи како инспирација за создавањето на ултра луксузен накит со потпис на брендот.
За прв пат ова се случи во 2020 кога Патрис Легеро, директорот на Chanel Fine Jewelry го искористи овој материјал како стартна точка за новата колекција, која што вклучи 45 парчиња накит.
Успехот беше голем, што ја поттикна модната куќа да созаде нова колекција на ваков накит ова лето.
Твидот уште еднаш послужи како инспирација, овојпат за 63 нови величенствени скапоцени парчиња.
Новата колекција го слави раскошот на боите и текстурата што ги нуди и самиот материјал што е заштитен знак на Chanel.
Ѓерданите со реси, обетките и алките се дизајнирани на начин да се почувствува материјалот на самата кожа – како да носите твид во форма на скапоцен накит.
Колекцијата вклучува пет линии на накит, во пет различни бои украсени со петте елементи коишто и беа омилени на Коко: белата панделка, розовата камелија, кометата на сина позадина, жолтото сонце и лавот со црвеникави светки.
Величенствено, како е и секоја креација со потпис на Chanel.
Фото: Chanel