Промоција на новата колекција на "Капка" во Лаб дизајн маркет

25 јуни 2024

Во четврток, 27ми јуни со почеток во 18 часот, во изложбениот салон Лаб дизајн маркет ќе започне промоцијата на новата капсулна колекција на брендот за накит "Капка" зад кој стои дизајнерката Јана Ацевска.

„Капсулната колекција насловена како „РЕфлексии" има повеќекратни значења: врска меѓу минатото и сегашноста, иновацијата и традицијата, како и традицијата на изработка. Со поврзување на традиционалното со современото се генерираат нови приказни, уникатни и специфични." - вели Јана Ацевска.

Организаторите на настанот ги покануваат посетителите да ја погледнат одблиску колекцијата и да ги поддржат локалните дизајнери и занаетчии и нивната работа. Една од главните причини за постоењето на Лаб дизајн маркет е поддршката на дизајнерите кои ги ревитализираат и сочувуваат македонските традиционални занаети, давајќи им нова современа форма. Преку овие настани публиката може одблиску да ја запознае работата на локалните дизајнери и занаетчии и со тоа да ја увиди вредноста во нивниот производ. Крајната цел е да стекне доверба во македонскиот дизајнерски производ кој се заснова на рачна изработка и висок квалитет.

Објавено:
25 јуни 2024
Категорија: 
Модни додатоци