Learn. Connect. Collaborate - Нова пролетна колекција на Ена Зафировска

25 декември 2018

„Learn. Connect. Collaborate.“, вака гласи насловот на новата колекција на младата дизајнерка Евгенија Зафировска, за пролет 2019. Се работи за внимателно осмислени парчиња, при што дизајнерката се води по концептот за етичка мода.

„Во oваа колекција се нагласува чувството за човековата етика, односно, односот меѓу облеката и поединецот, начинот на кој облеката е алатка за градење на идентитетот. Етичката мода, вклучува вистинска почит за локалните занаетчии, нивните оригинални дизајни и традиционалното занаетчиство“, ќе каже Зафировска.

Но, освен ова, инспирацијата за новите парчиња ја наоѓа и во италијанскиот дизајнер, Фортунато Деперо.

„Фасцинирана од изложбата во Милано за италијанската уметност и култура за време на фашизмот, почнав да го истражувам италијанскиот футуристички сликар, писател, скулптор и графички дизајнер Фортунато Деперо. Неверојатно живописниот стил на Фортунато Деперо и комбинацијата на македонската традиција која е мојата црвена нишка се претставени во колекцијата преку голем дел рачна изработка и изборот на материјалите“, објаснува дизајнерката.

Резултатот се креации и комбинации каде што се гледа нејзината умешност за комбинирање на различни техники, текстури, линии, вметнување на инспирацијата која ја посочува, а воедно останувајќи доследна на својот чист израз. Она по што е исто така препознатлива е што нејзините колекции секогаш се комплетна приказна и производ.

„Континуирано работам за подобрување на сите фази од животниот циклус на производот, од проектирање, производство, транспорт, складирање, маркетинг и конечна продажба, употреба, повторна употреба, поправка, преработка и рециклирање на производот и компоненти. Се стремам кон тоа да изработувам парчиња со 0% отпад на различни начини“, вели Евгенија со што не само што ја следи својата философија и принцип на работење, туку е во тек и со светските трендови.

Во продолжение погледнете го едиторијалот што ја следи колекцијата:

 

Објавено:
25 декември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
402 пати