Во кафулето Концепт 37, вчера вечер, фотографот Дарко Мораитов ги собра сите свои пријатели со цел да го промовира својот нов портал „Mint Square“ кој се дефинира како портал за модерни мажи со истeнчен вкус.
„Mint е сленг кој Англичаните го користат за модерен маж,а Square е кованица и го отсликува дизајнот на порталот кој е целосно во коцки. Инаку целиов овој проект јас би го нарекол платформа за линкање каде со собираат информации од сајтови од цел свет“, вели фотографот.
Како подоцнежна идеја, како еден вид upgrade на самиот портал е отворање на страната Концепт каде ќе се поставува исклучиво авторски материјал од фотографии и сесии на различни уметници од земјава па и пошироко.
„Дефиниран е како портал за луѓе со изострен вкус или портал за мажи со изострен вкус. Меѓутоа несомнен е фактот дека ќе сакаат и девојките да ѕирнат во него и содржините кои ги нуди. Нема да се презентира само мода, туку опфатени се повеќе категории меѓу кои архитектура, арт и дизајн, возила, часовници, филмови, музика итн“, кажа Мораитов.
Уште една интересна форма која Дарко решил да ја вметне е поинаквиот начин на кој ќе се прават интервјуата. Ќе се понудат две варијанти, едната во пишана форма со скокотливи и тотално не стандарди прашања, а другата варијанта е во форма на видео снимка, со цел да се задоволат потребите на читателите.
„Тони Зен го одбрав да биде првиот маж кој ќе го отвори порталот на некој начин, бидејќи сме пред се големи пријатели и мошне често комуницираме. Нема некоја посебна причина, освен можеби предизвикот да го облечам во смокинг. Идеја која многу добро се вклопи во целиот проект, бидејќи е наменет пред се за успешни мажи, а него го сметам за таков“, изјави Дарко.
Меѓу присутните, беа голем број познати личности од модната фела како Надица Георгиева, Алек Наумовски, Христина Трпкова, Тања Кокев, Каролина Гочева, Иванна Хаџиевска-Кошка и многу други.
Тони Зен беше презадоволен и му беше огромна чест што ете тој привилегиран на некој начин да го отвори првото интервју и фотосесија за овој портал, а особено поради фактот што позира во смокинг, изглед кој тој претходно никогаш го нема вклопено во своето модно изразување.
„Во изборот на облека се ориентирам според временските услови и боите си ги комбинирам така, бидејќи сакам да бидам во хармонија со природата“, ни кажа Зен.