Дефиниција за „мода“ во речникот на нашите познати личности

4 декември 2013

 

„Секојдневието е модно шоу, а светот е една голема модна писта.“

Вака пред многу години еден од најавангардните модни ликови,  Коко Шанел ја дефинираше модата, меѓутоа во реалноста оваа општествена појава вклучува повеќе категории и значења. Модата не ги дефинира само последните најпопуларни и најнови модни трендови на дизајнерската облека, туку преку неа имаме можност да откриеме кои сме и да ја отслика нашата личност во однос на визуелните информации. Начинот на кој ги креираме нашите модни визии преку изборот на облеката и модните додатоци ни помагаат да му го покажеме нашиот моден став на светот.

 

 

Тоа според експертите е еден круцијален тип на комуникација. Јазикот на облеката и неговото преточување во модна приказна е автентичен пример преку кој го градиме нашиот стил. Трендовите, облеката, модните платформи, идеите, дизајнот,уникатноста се суштински состојки кои споени во една целина го диктираат главниот тек на модата. Чуден е примерот за тоа како сите луѓе имаат толку заеднички нешта, а истовремено и толку различни, па макар да е тоа и најмалото нешто кое постои. Секој со секого на некој начин е директно или индиректно поврзан без разлика дали се работи за храна, облека, автомобили, архитектура и слично. Сите овие карактеристики помагаат во градењето на актуелниот моден свет.

 

 

Денес развојот на глобалната индустриска револуција и современите подобрувања креираат трендови кои ние ги нарекуваме со едно име: мода. Тие несомнено влијаат врз нашиот живот и секојдневие. Секоја тенденција која ја следиме открива на која социјална група и припаѓаме. Модерното општество создаде брендирана мода, часовници, чевли, накит, очила за сонце... голем број стилови што го дефинираат нашиот идентитет и афинитет кон одредена модна тенденција.

 

 

И на крајот се поставува есенцијалното прашање, што е модата, има ли смисла и кое е нејзиното значење. Одговорот на секој поединец ќе биде различен во зависност од неговиот вкус за нештата, боите кои му се допаѓаат, кроевите, дизајните, материјалите. Позборувавме со некои од нашите јавни личности за тоа што е мода според нив и кој е стилот во кој се чувствуваат вистински свои.

 

 

Каролина Гочева е етаблиран музичар.. Низ годините нејзиниот стил се менуваше, експериментирајќи низ различни правци и трендови, а денес важи за јавна личност со истенчен вкус и пример за тоа како треба да изгледа една жена.

„Модата за мене е личен израз и сметам дека секогаш секој треба да се потруди да го пронајде својот стил. Голема грешка е да копираме и слепо да следиме  модни трендови. Мислам дека секој треба да најде нешто во кое се чувствува природно, свој и да го прати тоа, без разлика дали тоа во моментов е модерно или не. Јас, конкретно, најудобно се чувствувам кога сум во рамни обувки и фармерки“, ни кажа Каролина.

 

 

Манекенките Надица Георгиева и Христина Трпкова кои исто така важат за личности со префинет стил, имаат тотално различни дефиниции за модата.

„ За мене модата е перформанс. Јас луѓето не ги гледам според тоа како се облечени меѓутоа, но најмногу ме воодушевува кога ќе видам некој со уникатен стил. Обично младите кога експериментираат и се пронаоѓаат себе си градат еден таков по малку невообичаен стил кој што мене ми се допаѓа. Сакам елегантни парчиња надополнети со впечатлив накит и модни додатоци. Обожавам  кожни работи, а црната боја доминира кај мене“, вели Надица Георгиева.

За Христина Трпкова, манекенството е хоби што комплетно ја исполнува, поради дружењата што ги има на модните настани.

„Модата конкретно за мене не е нешто што треба да се следи, секој треба да си негува свој стил, а не да се следат моментални трендови, затоа што кога следите трендови, а не се следите себе си, барем за мене тоа делува смешно. Стилот ми зависи од приликата секогаш настојувам да бидам облечена во согласност со пригодата, а најудобно се чувствувам во пижами.“

 

 

Тони Зен и Тајзи се пејачи кои преферираат полежерен стил, но сепак знаат како вистински да ги искомбинираат парчињата облека. Тајзи сам се грижи за неговиот стајлинг. Не ги следи слепо трендовите и сам си ги бира своите модни парчиња, потпирајќи се на својата фантазија и иновативност.

 

Тони Зен

 

Тони Зен, пак, пред да реши што ќе носи, внимава тоа да одговара на неговиот карактер и расположение.

„Во изборот на облека се ориентирам според временските услови и боите си ги комбинирам така, бидејќи сакам да бидам во хармонија со природата. Тоа е мој совет до сите, да бидат во хармонија со природата. Најудобно се чувствувам во тренерки или широки панталони, блузон, патики, и тоа е тоа.“

 

 

Роберт Билбилов, ни откри дека него не му е најважно што носи, туку како го носи:

„За мојот изглед се грижи еден дечко висок, згоден и неопходен, (се смее). Не можам да кажам дека јас се грижам за мојот стајлинг, бидејќи стварно немам многу време . Секогаш кога се шетам низ трговските центри, може ќе видам некое убаво парче но никогаш не сум застанал да го пробам или пак да отидам до дома да земам пари за да го купам. Се ми се случува некако спонтано кога треба да одлучам што ќе носам.“

 

 

Различни дефиниции, но еден заеднички заклучок: модата адаптирајте ја на вашиот личен имиџ, не го менувајте својот идентитет според актуелните сезони. Така останувате препознатливи и констнатни во континуираните модни ротирања.

 

 

Објавено:
4 декември 2013
Категорија: 
Сцена