Виенски бал: Македонски модни стандарди достојно прилагодени на светските

10 март 2014

Гламурот, елеганцијата, престижот и благодатот,  уште еднаш беа попратни синоними на традиционалниот Виенски Бал во Скопје кој годинава прослави петнаесетгодишен јубилеј.  Како и изминатите изданија, хотелот „Александар Плас“ ја пречека скопската елита во фоајето со чаша вино, за потоа во свечената сала вечерта да биде отворена со танцот на танчарите од „Прима Данца“. Почитта на дрес кодот, движењето и однесувањето, сугерираа дека балот на македонски простори не ни е веќе туѓ. Изминатата сабота беше сосема поинаква вечер каде требаше да се биде во најдоброто гламурозно светло во однос на облеката.  Барем на неколку часа правилата на балот укажуваа на животот со стил.

Плејада од гламурозни фустани кај дамите придружувани од господата во црни костуми, на момент не однесе  поблиску до Виена. Според искуствата од минатите изданија, за оваа слободно можеме да кажеме дека за овој настан во однос на облеката и дрес кодот и тоа како се посвети внимание. Балските дами претежно во рамките на дозволеното ги облекоа своите најубави тоалети, а пак нивните придружници од посилниот пол,  видливо им парираа на своите понежни половини.  Задоволството да се носи свечен и луксузен фустан го споделија и нашите соговорнички, кои не ја криеја возбудата да бидат во едно поинакво модно светло кое ја потенцира женската убавина од секој аспект. Домаќинот Оливер Арсовски, вели дека оваа издание на балот било посебно пред се поради зголемениот процент на гостите што го испочитувале правилата на дрес кодот.

„ Секоја година балот е спектакуларен, а оваа за мене беше дополнително посебна. Влеговме во препознатлива традиционалност која е од големо значење за градот од повеќе културни сегменти. Драго ми е кога  по завршувањето гостите ќе ги споделат сите пофалби. Амбасатата ми  додели чест  која ме прави горд, посебно зашто заеднички сме направиле настан кој ќе се памети не само еден ден, туку целата година. Според мене во голем процент испочитуваниот дред код ја направи модата на балот спектакуларна и впечатлива, вели Арсковски.

Веќе неколку години по ред на Виенскиот бал можеме да ја видиме и менаџерката на одделот за комуникации во ЕВН, прекрасната Ленче Карпузовска која имаше засилена женска придружба од нејзините две ќерки. Сите заедно довербата за креациите и ја доделаја на  модната куќа „Елена Лука“. Ленче носеше црн макси фустан со нагласена половина и тантела кај градите, додека нејзината слатка придружба во склад со годините беа вистински мали балски дами.

„Ова не прв пат да присуствувам на Виенскиот бал, овде сум неколку години по ред, со оглед на тоа што ми е професионална задача бидејќи ЕВН е еден од поголемите спонзори на оваа прекрасна вечер, вечер што потсетува на гламур, на нешто со висок стил, нешто прекрасно што се случува во нашиот главен град и дефинитивно ме потсетува на оние големи настани со црвен килим во светот“, вели Карпузовска.

„Мојата вечерашна креација е од модната куќа Елена Лука, мојата омилена креаторка што никогаш нема да ја напуштам. За да изгледам вака, ми требаше цел еден ден, од сабајле, па сѐ до овој момент. Како што велиме, жените секогаш мора да бидат средени од глава до пети“, посочува Ленче.

 

Тв водителот Марко Марк, посилната половина од дуото „Стисни Плеј“ и „Хит на месецот“, изгледаше како вистински џентлмен во црн костум, стил кој освен за балот мора  почесто го негува  поради работните обврски.

„За подготовка ми беше потребен само еден ден, бидејќи мислам дека на мажите им останува полесната работа, дамите се оние кои треба да изгледаат погламурозно и да внимаваат какви чевли, каква тоалета, кој бренд ќе го носат и секако шминката и фризурата кои се исто толку важни за целосниот изглед. Од друга страна пак ќе бидат и медиумски експонирани, фотографирани па мора се да биде на свое место. И на денешниот 8-ми март ќе излезе онаа позната теза дека покрај успешниот и добар маж секогаш стои успешна жена.

 

-Јас им останав доследен на моите соработници во поглед на изборот што носам вечерва. За настани од ваков тип кога има наметнато дрес код  Тивес Мода се грижи за мене. Инаку не сум човек кој го негува ваквиот поформален изглед, јас сум повеќе спортски тип, но ете понекогаш се случува и да облечам одело“, ни раскажа шармантниот водител.

Девојката која имаше исклучително успешна година, благодарение на „метеоролошкиот“  хит со кој се претстави на Скопскиот фестивал, за кој доби и Златна Бубамара, неверојатно талентирана пејачка Сара Мејс,  и овојпат инпресионираше со балската виолетова тоалета, потпишана од  модната куќа „Елена Лука“.  Богат фустан  кој одлично и прилегаше на витката линја, а интересно имплементираните бисери и  тантела го правеа фустанот поразличен и уникатен.

„Цел ден се подготвував за балот, бидејќи најпрекрасните вработени од Елена Лука, а и самата Елена  ми посветија големо внимание во одлуката што да носам вечерва. Бев неколку часа во нивниот салон и пробав се што може да се проба и заедно дојдовме до ова прекрасно решение. Да се биде дел од ваков настан мислам дека е уживање не толку поради гламурот колку поради тоа што ќе се случува. Имав честа да присуствувам на генералната проба и видов мошне интересни работи кои што вечерва ќе имаат можност да ги проследат присутните. Прва година присуствувам на балот и како гостин, но и како учесник во официјалната програма и сметам дека е мошне интересна манифестација и многу ми е драго што ја имам честа да бидам тука вечерва“, рече Мејс.

За прв пат на балот се појавија и актерот Драган Спасов-Дац и неговата поубава половина прекрасната Весна Терзиевска која носеше тоалета на дизајнерката Ивана Кнез. Во класичен стил секогаш насмеани и расположени открија како се подготвувале за балската ноќ.

 

 

„За да подготвам за вечерашниот бал ми беше потребно еден час. Јас го негувам класичниот стил, сакам изборот на тоалета да биде што поедноставна, лежерна и убава, ништо нападно. Се договоривме со Дац да носи црно одело и затоа и јас кога отидов кај Ивана Кнез одлучив да носам црна креација со накит потпишан од истиот бренд“, открива Весна.

„ Мене ми беа потребни пет минути, Весна ми го среди оделото, ми го испегла, а мене ми остана само да се облечам. Оделото е на Бицијани“, додава  Дац.

 

Апсолутно гламурозна со суптилна доза сексапил беше и шармантната моделка Дунавка Трифуновска, која изгледаше светски во белата тоалета со впечатливи златни и кристални детали на струкот и грбот, уште едно мајсторско дело на модната куќа „Елена Лука“.

„ Јас и „Елена Лука“ се договараме во една реченица. Така беше и овојпат, се договоривме буквално во една реченица, се видовме два пати и го постигнавме овој ефект. Јас го сакам балот, сакам кога во Скопје има гламур, сакам кога Скопје го добива епитетот на светска метропола и сакам кога има причина плус да излеземе во моделите на Елена Лука. Јас се надевам дека ќе има повеќе моменти каде што ќе бидеме заедно, ќе може да разговараме, да споделуваме и да се сакаме, момент прекрасен како овој“, вели Дунавка, која посочи дека во беспрекорната бела тоалета се чувствува навистина величествено.

На прашањето што за неа значи еден луксузен фустан од овој тип, таа посочува дека жената секогаш треба да го носи она во што се чувствува најдобро.

„Тоа е дефиниција за успех, ако ние се чувствуваме најдобро и зрачиме одвантре и сме среќни, и другите околу нас ќе ги направиме среќни“, заклучува Дунавка.

На Виенскиот бал присуствуваше и манекенката  Христина Трпкова, која носеше темната тоалета  со цветен дезен.

„Вечерва носам тоалета од Тања Кокев, а за фризурата и шминката се погрижи Зоран Шурбевски. За вечерашните подготовки ми требаа околу два часа, за да изгледам вака како што изгледам“, вели Трпкова, додавајќи дека тоалетата за неа има огромно значење и прави да се чувствува гламурозно и прекрасно.

Таа посочи дека за неа Виенскиот бал е едно одлично искуство, нешто сосема поразлично од она што може да се понуди во градот, нешто што е навистина забавно и интересно.

Виенскиот бал го проследи и пејачката Верица Пандиловска, која оваа година се појави во смела  розова тоалета надополнета со црна светкава чантичка и дамски црни ракавици.

„Како и секогаш, вечерва носам креација на Мила Кадриу. Ова е еден навистина прекрасен фустан, целосно во мој стил, нешто што ми се допадна многу и морам да бидам искрена дека прв пат се одлучив за ваква боја бидејќи секогаш носам црно или евентуално црвено“, вели Верица.

 

Како и минатите години како гостинка на балот се појави и Ирена Спировска.

„ Вечерва сум облечена во една од креациите на Тања Кокев, бидејќи секоја година сум меѓу гостите на балот, се трудам секоја година да биде нешто различно. Никогаш порано не сум се појавила во тиркизна боја, а бидејќи еве веќе сме на прагот на пролетта, вечерва сакав да носам нешто свежо во убава, впечатлива боја. За подготовките ми требаше околу еден час, заради мојата работа се навикнав да бидам многу брза, многу практична и само еден час пред да се појавам тука, сѐ уште бев со автомобилот низ град завршувајќи некои работни обврски“, вели Спировска, додавајќи дека Виенскиот бал е еден од ретките настани, можеби меѓу единствените кога навистина можеме да уживаме во хармонија од убава музика, валцер, свечени тоалети, со еден збор, комплетен настан за уживање.

 

Познатото ТВ лице, водителката Миланка Рашиќ која годинава беше во улога на гостинка, носеше впечатлива  портокалова креација која одлично се надополнуваше со нејзиниот тен и русата коса. За неа фустанот и дрес кодот се приоритетните нешта за компактно присуство.

„Јас многу ја почитувам виенската и воопшто австриската балска култура и традиција и драго ми е секогаш кога доаѓам на бал. Првите три балови ми се во особено убаво сеќавање, затоа што бев и водител и во организација. Често пати сум била професионално ангажирана за балот, што нормално значи дека мора прво да се почитува дрес кодот. Прв пат оваа година доаѓам како гостин на Порше и многу сум среќна што ќе можам да видам како изгледа да не работиш, туку да уживам во прекрасната вечер. Инаку задоволство е кога се бира фустан за балот, јас сум имала можност да бидам облечена во креации на неколку наши познати модни дизајнери. Вечерва ме облече Кокев. Јас сакам силни бои и креацијата навистина ми се допадна уште прв пат кога ја видов“, ни кажа Рашиќ.

Кога веќе говориме за модата и дрес кодот поврзан со настан од балски карактер, постојат низа правила кои се однесуваат на целосната визуелна композиција на оној што присуствува, како за мажите така и за жените. Доколку додега не сте присуствувале на Виенскиот бал или сте биле годинава, во продолжение ви посочуваме на правилата во случај да не погрешите за следниот или да ги пронајдете модните грешки што ги направивте.

За жените:

Прво и основно, никогаш не помислувајте да носите фустан кој не е макси и не се влече по подот. Од особена важност се материјалите од кој е изработен, а во случајот најсоосветна е свилата, тантелата и тулот. Никогаш не експериментирајте во однос на кројот околу рамената, најдобро е тие да бидат покриени и нигогаш да не покажуваат повеќе кожа. Дозволени се барам кратките ракавчиња што дискретно ќе ги покријат вашите рамената. Силуетата од фустанот е исто така многу важна, па кога веќе инвестирате во балски фустан најдобро е тој да е волуменозен, слоевит или плисиран  во долниот дел, додека во пределот околу градите да нема пренагласено деколте. Во однос на бојата, водете се по тоа која нијанса најмногу одговара на вашиот тен, црните варијанти никогаш не се исклучени од кои ќе оставите елегантен, но помалку и конзервативен впечаток. Секако волуменозните фустани не прилегаат на сите телесни конституции, па доколку имате ниска фигура можете да се одлучите и за фустан во строг и рамен кој, но со висок шлиц кој ќе ја издолжи вашата силуета. Главното правило гласи: помалку е секогаш повеќе, зашто оние што се одлучиле за повеќе на себе не оставаат елегантен дојам.

За мажи:

Можеби нивниот изглед за на бал изгледа помалку комплициран од женскиот, но дрес кодот алудира сосем на спротивното. ако во случајот кај жените задолжителен е макси фустанот, кај мажите правилата велат дека таа улога ја има фракот, кој претставува најелегантната опција за ваков ексклузивен настан и од ова нема исклучоци. Задолжителна боја  за кошулата е бела, а нејзините завршетци од ракавите и јаките се строги и уштиркани. Манжетните никогаш не излегуваат од опција и се значајни компоненти кои се највпечатливите детали од костумот. Во однос на маријалот  од палтото и панталоните кои секогаш треба да се во црна боја, не дозволиви се крутите и дебели ткаенини, а пак реверите секогаш се од свила како и страничните рабови од панталоните. Фракот има само еден ред копчиња, а пак елекот или свилениот појас се оставени на ваш избор. Ако комбинирате елек , не треба да облечете свилен појас и обратно. Запаметете дека на бал никогш не се носи ремен доколку е изземен појасот, достојна алтернатива е дискретна врвка во вид на јаже. Кошулата, елекот и пеперутка вратоврската секогаш треба да се надополнуваат и да бидат во иста боја.

Објавено:
10 март 2014
Категорија: 
Актуел