Легендарни модни моменти во музичката индустрија

29 мај 2013

Кога во еден момент ќе се пресретнат креативната лудост на модните дизајнери и планетарно обожаваните музички икони, тогаш се пишуваат легенди во нивната заедничка историја. Мода во музика и музичка инспирација за модата, нераскинлива врска помеѓу две уметнички форми.

Во продолжение погледниете ги незаборавните модни моменти во музичката индустрија.

1.Мадона-турнеја “Blond ambition” (1990)

Секогаш ексцентрична и инспиративна, понекогаш и жестоко критикувана за нејзините модни трансформации, таа е уметник кој брилијантно ја илустрира симбиозата помеѓу модата и музиката. Мадона  модно кулминираше за време на својата Blond ambition турнеја во 1990 година, за која комплетната костимографија ја изработи фантастичниот Жан Пол Готје кој покрај другото го дизајнираше и легендарниот розев корсет.

 

2.Мајкл Џексон-музичко видео “Beat it” (1983)

Црвената јакна на Мајкл Џексон во видеото “Beat it” беше пресуден момент во поп музичката историја кој стана синоним за  еден од највлијателните албуми на сите времиња, Трилер.  Панталоните до глуждот и белите чорапи го одбележаа стилот во 80-те години.

 

3.Битлси-музичка и модна револуција

Покрај тоа што отворија едно ново поглавје во музичката историја, легендарниот  бенд поттикна и модна револуција во машкиот свет. Специфичните фризури со шишки, до тогаш нетипични за мажите и еднобојните костими беа заштитен знак на нивните концертни појавувања.

 

4.Дејвид Боуви– турнеја “Ziggy Stardust” (1973-74)

Без храброста на Дејвид Боуви со сигурност немаше да постои и ексцентричноста на Лејди Гага. Андрогениот стил кој тој го презентираше за време на авангардната турнеја “Ziggy Stardust” во револуционерните 70-ти години на минатиот век, сеуште е фаворит и на дизајнерите од новиот милениум.

 

5.Рамоунс – панк институција

Додека Битлси ги инспирираа другите бендови да се облечат и да внимаваат на својот имиџ, панкерите Рамоунс порачаа:  едноставно опуштено! Стилот кои тие го дефинираа како свој заштитен знак: кожни јакни, нитни, тесни фармерки и старки денеска го бранува духот на Њујорк.

 

6.Лејди Гага –видео “Bad romance” (2010)

Од поп ѕвезда до феномен на високи потпетици од Александар Меквин. Лејди Гага културно ја шокираше модно-музичката сцена како радикална верзија на Мадона.

 

Објавено:
29 мај 2013
Категорија: 
Сцена