Доколку во модниот речник побарате под името „шик“, голема е веројатноста дека ќе ви излезат барем 10 фотографии од оваа прекрасна госпоѓа. Беатрис Ост е 74 – годишна писателка, актерка, продуцентка и дизајнерка, а најмногу од сѐ неверојатна инспирација за сите жени во светот.
Оние што имале можност да се сретнат со неа и да поразговараат, ќе кажат дека нејзината исклучителна мистериозност во изгледот, неверојатната интелигенција и единствен начин на раскажување, ве тера да ја слушате со часови како што тоа е случај со учителките во градинките.
Покрај нејзината неверојатна остроумност и интелигенција, прекрасната Беатрис може да се пофали и со еден од најуникатните стилови во светот – секогаш грациозна и со по некое парче што ќе ви го одземе здивот.
Големата вљубеничка во модата, ќе каже дека нејзините први модни спомени датираат од времето кога имала пет години и кога обожувала да ги краде вратоврските од нејзиниот татко и да ги врзува како ремени на половината. Раскажува и дека буквално живеела за оние моменти кога во нејзиниот дом доаѓала нејзината тетка која тогаш била портата кон модата за Беатрис. Таа имала вистински грациозен стил во кој секогаш се состоеле високите потпетици и палтата со високи рамена на што таа секогаш ги украсувала со крзно од лисица како моден додаток. Таа и ги раскажала првите тајни за модата на Беатрис, тајни што подоцна таа му ги откри на светот со нејзините уникатни дизајни.
Нејзината животна девиза од која дефинитивно треба да учи секоја девојка со недоволно самодоверба е дека вашето тело е секогаш вистинското место каде треба да бидете!
Беатрис го живее секој ден со апсолутно иста креативност и промисленост. За сосема обична прошетка низ нејзиниот Њујорк, таа секогаш изгледа беспрекорно, без разлика дали оди во сосема обична продавница или пак брза на некој состанок. Нејзиниот препознатлив печат се работите во виолетова боја без разлика дали станува збор за фустан, палто, омилените турбани или пак модните додатоци.
Домот на Беатрис е подеднакво креативен како и таа самата. Над каминот во дневната соба ќе бидете сведоци на мал милион слики нацртани од Беатрис, но и на инспиративни квоти преточени во уникатни слики. На една од нив ќе го прочитате следното: Животот секогаш е прекинуван од различни настани!
Во нејзиниот дом пак, се наоѓа и мало модно светилиште со едно единствено име – плакарот на Беатрис! Таму ќе најдете парчиња од винтиџ колекции на Прада, Comme des Garcons и нормално, нејзината омилена – Вивиен Вествуд. Неверојатната колекција на шапки и чевли како дел од нејзиниот плакар за кои таа има посебно место во срцето, остануваат да сведочат за нејзината креативност, уникатност и луда вљубеност во модата и убавите работи на кои дефинитивно треба да им дадеме малку поголемо значење во текот на нашиот живот!