Тој е младо и талентирано момче што го посади „семето“ на блогерството. Како еден од првите блогери кои се здобија со интернационално внимание за неговите фотографии од улична мода, направени на многу страни од светот, Иван е меѓу најпознатите ловци на стил и оригиналност и важи за една од највлијателните личности на модната сцена на денешницата. Тој е роден во Швајцарија, а поради сплет на околности неговото хоби прераснува во професија за која дознава целиот свет. Негова пасија се патувањата низ различни страни од земјината топка, а најважен дел од багажот е фотоапаратот чиј објектив претпочита да фокусира на автентичните стајлинзи. Во 2006 година сосема случајно Иван почнува на мрежата „Блок спот“ да ги објавува своите фотографии од улични стајлинзи, а токму тој момент е отскочната даска која дискретно му го препишува псевдонимот „Фејс хантер“, по кое сега и е најмногу познат.
Токму тие фотографии од неговите почетоци стануваат едни од најпрелистуваните, за многу набрзо Иван да добие покана од Њујоршката модна недела за да ги овековечи сите улични модни стајлинзи вредни за публикација. Оттогаш многу од галериите од улична мода кои ги гледаме на светските сајтови, се изработени токму од Иван, зашто организаторите на модните недели редовно го канат да биде задолжен за уличниот моден сегмент.
Тој вели дека неговиот напредок од блогот yvanrodic.blogspot.com, се популаризира постепено, но според модните критичари блогот и окото на Родиќ се посебен пионерски феномен кој внесува подемократски поглед на модата. Откако посетил многу градови, фотографирал илјадници лица, а фотографиите се нашле на најпрестижните магазини како: Вог, Космополитен, Гардијан, Иван своите амбиции постојано ги зголемува, а предизвикот го прифаќа со широко отворени раце. Тој постојано добива покани од влијателни луѓе во модната индустрија, претежно модни и арт академии каде држи предавања за корелацијата на блогерајот и модната индустрија на глобално ниво. 2010 година е значајна за Родиќ токму поради издавањето на неговата прва книга насловена „FaceHunter“ која беше промовирана во Париз.
Во неа се собрани најуникатните улични стајлинзи, документирани како од светските модни метрополи, така и од градови не многу познати, кои за него се поголем предизвик за пронаоѓање на индивидуализам. Заклучокот од рецензијата на „Њујорк Тајмс“ гласи дека книгата на Родиќ е „суштинско читање“ кое ќе ги измени вашите мислења и ставови за модата. Ласкавите епитети тој заслужено ги добива во многу модни интервјуа од престижни магазини, а во просек месечно добива од 10 до 15 барања за интервју. Со неговите маестрални дела и достигнувања, ставови како и книгата „FaceHunter“, имаше можност да се запознае и македонската модна публика во 2010 година во месец октомври, кога Иван беше гостин на Скопскиот моден викенд, каде воедно ја промовираше и книгата.
Тогаш не остана рамнодушен за фото документирање и на скопските улични изгледи, за кои вели дека имаат посебна структура од облека и карактер. „Патувајќи низ светот за вистинскиот живот и модата“ е насловот на видеото од продолжение, во кое ќе погледнете нешто повеќе за Иван и неговите ултра креативни патувања.
&feature=youtu.be