Британската дизајнерка Фиби Фило, беше почестена да ја прими наградата која секоја година ја доделува OBE (Order of the British Empire),највисокиот ред на британската кралска империја, за посебни заслуги на полето на модата, имајќи ја привилегијата да биде една од трите личности кои досега го имаат добиено ова признание.
Фило, е родена во Париз во британско семејство. Дипломира на престижниот колеџ за уметност и дизајн „Central Saint Martins“, каде што и била современик на Стела Мекартни. По дипломирањето во 1997 година се преселува во Париз, и работи како асистент на Мекартни, која во тоа време е креативен директор на модната куќа Клое.
Фиби, својата слава ја стекнува по актуелниот„мандат“ во модната куќа Селин, каде успешно менаџира како креативен директор. И покрај тоа што дизајнерката предводи париска етикета, сепак таа заедно со нејзиниот дизајнерски тим работат во Лондон, каде живее и самата Фило заедно со сопругот и трите деца.
Изминатиов викенд Фиби Фило се појави во Бакингемската палата за да ја прими наградата OBE (Order of the British Empire), за посебни заслуги во модниот свет, која што и беше лично врачена од принцот Чарлс. За оваа прилика дизајнерката позната по својот лежерен стил, чиј заштитен знак се бајкерските јакни и кежуал панталоните, одлучи да се појави во елегантно издание. Едноставен црн фустан со кратки ракави и бела марама околу вратот, беше модниот избор на дизајнерката.