Ви ги откриваме најконтроверзните модни фотографи

20 март 2014

Модната фотографија се претвори во уметничка форма на изразување во последниве неколку децении и како и секој уметнички потфат, таа го привлекува вниманието на милиони погледи. Најголемите и несомнено најпризнатите имиња во модната индустрија чија професионална вокација е токму фотографијата, својата слава и репутација не ја заработиле со чесна игра, туку напротив, со предизвикување контроверзии и отстранување на превезот за промоција на уникатната перспектива која ја нуди оваа област во модниот свет.

Видете кои фотографи успеаја на своите имиња и работен опус сами да си го „залепат“ епитетот контроверзни.

Тери Ричардсон

Тери Ричардсон Тери Ричардсон

Прв на листата, сосема очекувано по неодамнешните наводи за искористување на своите модели, е Тери Ричардсон. Тој во модните кругови важи за професионален експерт за изработка на провокативни фотографии. Токму тој, ги има фотографирано насловните на голем број светски списанија како , Harper’s Bazaar, Rolling Stone, рекламни кампањи за дел од најпопуларните дизајнерски имиња во модната индустрија како Том Форд, Марк Џејкобс, Ив Сен Лоран и многу други. Ѕвезди од калибарот на Лејди Гага, Ријана, Миранда Кер и Кејт Аптон позирале пред неговиот објектив, но сепак и покрај ваквото беспрекорно портфолио, тој го држи првото место на листата на најконтроверзни фотографи. Нормално, за ваквата констатација најголемо влијание имаат неодамнешните обвинувања за злоупотреба кои што Ричардсон ги негираше.

Сепак, според многумина, тој ја злоупотребил моќта и славата која ја ужива во модниот свет и извршил „притисок“ врз моделите за да ја соблечат својата облека и да му позираат голи. Како и да е, фотографот кој се бореше со шизофренија, ја одржува својата невиност во поглед на обвинувањата за злоупотреба и лошо однесување.

Гај Бордин

Гај Бордин Гај Бордин

Еден од најпознатите француски модни фотографи Гај Бордин, важи за најдобар перцептивен фотографски уметник, кој умешно знае да ги спои темните нијанси со надреалните општествени движења на гламурозен начин. Користењето на еротските моменти во неговите фотографски приказни послужија како инспирација за наредните генерации кои решија да ја одберат модната фотографија како примарна професија.

Гај се најде на листата најконтроверзни модни фотографи, не само поради неговиот храбар пристап во своите фотографии да вметне сцени од сексуално насилство, туку и поради тоа што беше против идејата неговото творештво да биде собрано во книга или изложба.

Стивен Мејзел

Стивен Мејзел Стивен Мејзел

Познат по неговата активна работа во американскиот и италијанскиот Vogue, името на фотографот Стивен Мејзел често се поврзува со поимот контроверзност. Фотографијата од 1992 година на која позира поп иконата Мадона заедно со Наоми Кемпбел и Изабела Роселини важи за една од најеротските. Всушност, Стивен репутацијата на контроверзен фотограф ја стекна последните години, преку промоција на фотографии што имаат насилен пристап. Едиторијалот „Make Love Not War “од 2006 година што Мејзел го сликаше за италијанскиот Vogue, наиде на серија критики токму поради насилничкиот приказ на жените.

Оливиеро Тоскани

Оливиеро Тоскани Оливиеро Тоскани

Италијанскиот моден фотограф Оливиеро Тоскани е познат по соработката со најколоритниот бренд Бенетон. Контроверзните вибрации отсекогаш биле верен придружник во креирањето на неговата фотографска перцепција. Неговата работа е критикувана поради прекумерната употреба на фотографии кои прикажуваат луѓе болни од сида.

Фотографските приказни на Тоскани го нагласуваат расизмот, хомофобијата и социо-политичките прашања. И покрај недостатокот на експлицитни сцени од сексуални и насилни движења, сепак неговата работа ја сметаат за контроверзна. Меѓу најпознатите ќе остане рекламната кампања за анти анорексија на Изабел Каро на која Тоскани работеше во 2007 година.

Стивен Клајн

Стивен Клајн Стивен Клајн

Тој е омилениот фотограф на дел од најпознатите дизајнерски имиња како Келвин Клајн, Долче и Габана, Александар Меквин, Мадона и Лејди Гага. Клајн стана контроверзен, благодарение на скандалот предизвикан на фотосесијата во 2010 година за бугарското списание „12“.

Снимањето беше инспирирано од концептот на најпознатите примери на модни жртви во индустријата, но приказната повлече и други прашања, како насилството што жените, односно моделите, го преживуваат во светот на модата.

Хелмут Њутн

Хелмут Њутн Хелмут Њутн

Њутн важи за еден од највлијателните фотографи на минатиот век во модната индустрија. Тој е еден од првите кои почнал да ја афирмира голотијата за да промовира мода. Како најзначајни во неговата кариера се соработките со списанијата како Vogue и Harper’s Bazaar, што ја одбележаа епохата на ’50-тите и ’60-тите години.

Њутн го сметаат за контроверзен фотограф, бидејќи тој преку својата работа ги помести границите на провокативноста во периодот кога еманципацијата на жените беше во пораст.

Објавено:
20 март 2014
Категорија: 
Фото галерија